| четврток, 6 декември 2018 |

Во „Борис Трајковски“ минус 37, Карпош Соколи ја почуствува евролигашката кошарка

karpos sokoli 2

Серијата од осум победи по ред на домашен терен во АБА-лигата на Карпош Соколи беше прекината попладнево во СЦ „Борис Трајковски“, откако македонската екипа капитулираше пред налетот на Црвена звезда, губејќи со убедливи 61-98. „Соколите“ одиграа само пет минути на посакуваното ниво, за во остатокот од средбата белградските „црвено-бели“ да покажат зошто се актуелни шампиони во регионалното натпреварување и учесници во кошаркарската Европлига пред се благодарение на фанатичната борбеност во одбраната да стигнат до нова убедлива победа.

Белграѓани одиграа одличен тимски натпревар, а посебно беше изразена ефикасноста за два, која на крајот изнесуваше високи 82 отсто. Дополнително, гостинот го натскока тимот на Николиќ кој беше конкурентен само во првиот период, а воедно имаше и двојно повеќе асистенции. Воедно, овој пораз за „соколите“ е највисок сезонава во АБА-лигата, по поразот од 23 разлика токму против Црвена Звезда во Белград.

Македонската екипа одлично го почна мечот со четири погодени шута за три поени и предност од десет разлика (18-8), но тренерот на Црвена Звезда повика тајмаут ги консолидира редовите и до крајот на првата четвртина неговите играчи стигнаа до минимална негатива од само еден поен (24-23).

karpos sokoli 2

Со поените н Симоновиќ гостинот од Белград дојде до првото водство, кое во ниту еден момент не го испушти до крајот на мечот зголемувајќи ја разликата за на крајот на семафорот да стои и преубедливи 98-61.

Ниската петорка на „црвено-белите“ со Симоновиќ како „четворка“ им создаваше огромни проблеми на кошаркарите на Карпош соколи, пред се поради агресивноста во одбраната на актуелниот шампион. „Соколите“ немаа одговор, па предноста до крајот на третиот период се искачи на 21 поен (49-70). Мора да се истакне дека Црвена звезда до оваа предност стигна и покрај очајниот шут од далечина, па српскиот шампион првата тројка ја постигна дури во 28. минута од средбата (1/11 по првите три четвртини).

Гостите влегоа во ритам во последниот период, погодувајќи дури шест тројки во низа, со кои ја одржуваа убедливата предност, принудувајќи го Николиќ на тајмаут. На крајот, резултатот на семафорот гласеше 61-98, сосема заслужена победа на актуелниот шампион, кој уште еднаш ја потврди својата доминација во однос на поголемиот дел од клубовите во регионот.

karpos sokoli 3

Лабовиќ со 20 и Трајковски со 18 поени беа единствените двајца кошаркари што им се спротивставија на „црвено-белите“. Сите кошаркари на Црвена звезда кои влегоа во игра се запишаа меѓу стрелците, а најефикасни беа Митровиќ со 15 и Кузмиќ со 14 поени, двајцата со под 20 минути игра.

Пред Карпош соколи претстојниот викенд е нов предизвик – завршниот турнир во Купот на Македонија, каде лани оваа екипа стигна до големото финале. Потоа, во рамките од 24. коло „соколите“ на 24 февруари ќе гостуваат во Загреб на големиот фаворит Цедевита.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top