До Министерството за економија заклучно со денеска до 15 часот пристигнати се 365 барања за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата по јавниот повик објавен на 31.01.2017 година на веб страната на Министерството и во дневните весници „Дневник“ и „Коха“.
За оваа намена во буџетот на Министерството се обезбедени 20 милиони денари, а доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот „Прв дојден, прв услужен“, се до искористување на средствата.
Од Министерството потсетуваат дека со оваа стимулативна мерка се надоместуваат дел од трошоците во износ од 50 отсто од вкупната инвестиција, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност по домаќинство.
– Доколку сите баратели, кои поднеле комплетна документација, го остварат право на надомест во максималниот износ од 500 евра, со обезбедените средства ќе бидат субвенционирани најмалку 635 домаќинства. Со оглед на тоа што се очекува различен износ на инцестиции од страна на домаќинствата, со мерката ќе се поддржат околу 700 домаќинства, велат од Министерството за економија.
Оттаму потсетуват дека право на учество на јавниот оглас имаат купувачите кои имаат купено и вградено во своите домови ПВЦ или алуминиумски прозорци со кои ќе ги заменат старите дрвени прозорци, по денот на објавувањето на јавниот оглас.
Покрај тоа, барателите треба да достават и пополнет образец за барање за искористување на правото на надоместок, кој може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет страната на Министерството: www.economy.gov.mk, фискална сметка или фактура со извод од деловна банка за извршено плаќање за услугата, издадени по денот на објавувањето на огласот, фотокопија од лична карта на барателот, податоци за трансакциската сметка на барателот и фотографии во боја од секој дрвен прозорец кој се заменува во домот и фотографии во боја од секој ПВЦ или алуминиумски прозорец кој се вградува во домот (пред и потоа).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.