Намалување на сметките за греење е приоритет на секое семејство, а тоа може да се постигне преку заштеда на енергијата. Трошењето помалку енергија, а домот, сепак, да биде стоплен се постигнува преку поставување сончеви колектори и замена на старите дотраени прозорци со нови, ПВЦ или алуминиумски. По оваа основа со инвестирање во сончеви панели и во квалитетни стаклени површини можат да се заштеди околу 50 отсто, односно за толкав процент да се намалат сметките за струја, при што вложените средства можат да се вратат за неколку години. За да им помогне на граѓаните да заштедат енергија, Министерството за економија веќе неколку години дава субвенции за вградување сончеви колектори, а од годинава има и нова субвенција, за вградување ПВЦ и алуминиумски прозорци.
– Со вградување квалитетни прозорци топлинските загуби би можеле да се намалат за една половина, а инвестицијата ќе ви се исплати за три до пет години. Според слободна процена, вградувањето алуминиумска столарија во трисобен стан може да чини од 1.200 до 2.000 евра, во зависност од квалитетот и од големината на стаклените површини. Заштедите се остваруваат преку месечните сметки, доколку се греете на струја – велат стручњаците за енергетска ефикасност.
.Од Министерството за економија најавуваат дека за овие субвенции огласот ќе биде објавен до крајот на месецов, и ќе трае до крајот на август.
– Ќе се надоместува дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2017 година, а за таа намена се обезбедени дури 20 милиони денари, при што се надоместуваат до 50 отсто од направените трошоци, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност по домаќинство – информираат од Министерството за економија.
Надоместот на дел од средствата за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци ќе имаат право да го остварат лицата што имаат купено и вградено во своите домови ПВЦ или алуминиумски прозорци во периодот од денот на објавувањето до денот на завршувањето на јавниот оглас. Доделувањето на надоместот ќе се врши по принципот „прв дојден прв услужен’’, сѐ до искористување на предвидените средства во буџетот на Република Македонија за оваа намена.
Надоместот на дел од средствата за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци ќе го остварат лицата со доставување на следниве документи: пополнет образец за барање, кој може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет-страницата на министерството: www.economy.gov.mk, доказ во оригинал дека е извршено купувањето на ПВЦ или алуминиумски прозорци, и тоа: фискална сметка, или фактура со извод од деловна банка по денот на објавувањето на огласот. Доколку купувачот достави доказ во оригинал за направените трошоци за вградувањето на ПВЦ или алуминиумски прозорци (фискална сметка или фактура со извод од деловна банка по денот на објавувањето на овој оглас), ќе му бидат земени предвид при утврдување на надоместот на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата. Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање надомест.
Деновиве се очекува објавување и на новиот оглас за субвенционирање вградување сончеви колектори од страна на Министерството за економија. Досегашната практика покажува дека сѐ повеќе домаќинства се определуваат да штедат електрична енергија преку вградување сончеви колектори, што е исплатлива инвестиција со оглед на тоа дека земјава има од 240 до 270 дена сончева енергија.
Пресметките покажуваат дека преку овие системи домаќинствата можат годишно да заштедат од 1.500 до 2.400 киловат-часови електрична енергија или 14.820 денари годишно, во зависност од инсталираниот систем и од цената на електричната енергија. Пресметките на Агенцијата за енергетика се дека инвестицијата се враќа за пет до шест години, со оглед на трајноста на системот од 10 до 25 години.
Инвестицијата за вградување ваков систем, според пресметките на Агенцијата, е од 27.675 денари до 83.025 денари.
Пазарната цена на малите системи што се користат во домаќинствата се движи од 650 до 2.500 евра, а за големите од 10.000 до 100.000 евра. Дополнително се плаќа и монтажата, која, исто така, зависи од системот што се вградува и се движи од 100 до 250 евра за малите системи.
За споредба, едно четиричлено домаќинство годишно троши најмалку по 400 евра за топла вода и најмалку по 700 евра за затоплување на просторот. Ако 1.200 евра се вложат во квалитетен сончев систем, инвестицијата ќе се врати за четири години.
Стратегијата за унапредување на енергетската ефикасност покажува дека 42 отсто од потрошената електрична енергија е за домашните апарати, 28 отсто за греење, 18 отсто за топла вода, а 12 отсто за осветлување.
Ова беше причина и за субвенционирање на граѓаните што инсталираат соларни топлински системи, кои Министерството за економија ги воведе во 2007 година, а го продолжува и годинава.
– Годинашниот буџет за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата е зголемен, па место досегашните шест милиони денари, сега изнесува 16 милиони денари, додека условите остануваат исти, односно се надоместуваат до 30 отсто од направените трошоци, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност по домаќинство за 2017 година – информираат од Министерството за економија.
Според критериумите, за оваа мерка можат да аплицираат сите домаќинства што имаат купено и вградено колекторски систем во своите домови во периодот од денот на објавување на јавниот оглас до денот на неговото завршување, а притоа го немаат искористено правото на поврат на дел од средствата за обезбедување и за вградување сончеви термални колекторски системи во својот дом врз основа на претходните јавни огласи на Министерството за економија објавени во 2007, 2009, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015 и во 2016 година. За да добијат субвенција барателите ќе треба да поднесат: пополнет образец за барање, кој може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет-страницата на Министерството: www.economy.gov.mk, доказ во оригинал дека е извршено купувањето сончев термален колекторски систем, и тоа: фискална сметка, или фактура со извод од деловна банка по денот на објавувањето на огласот. Доколку купувачот достави доказ во оригинал за направените трошоците за вградувањето на соларниот колектор (фискална сметка или фактура со извод од деловна банка по денот на објавувањето на овој оглас), тие ќе му бидат земени предвид при утврдување на надоместот на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колектори. Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање надомест. Доделувањето на средствата ќе се одвива по пат на јавно извлекување.
Досега се субвенционирани 4.237 домаќинства од 14.785, кои конкурирале на огласите за субвенционирање. Вкупно одобрени средства за оваа намена, заклучно со 2016 година, се 54 милиони денари.
Текстот е објавен во неделникот Република бр.230
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.