| четврток, 6 декември 2018 |

Внимавајте, и за убивање мачка се лежи затвор!

Кривичниот суд во Велес е пионер во донесувањето судски одлуки за дела какви што до сега не ѝ биле познати на македонската судска практика. Во минатите шест месеци, судот донел осудителна пресуда за навреда преку профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ и тримесечна условна казна за малтретирање и усмртување бездомно животно, пренесува порталот „Академик.мк“.

Судијката Тања Милева, неодамна осуди на три месеци условно маж на возраст 78 години за измачување и усмртување бездомно маче. Казната ќе биде заменета со затворска ако осудениот направи кривично дело во рок од една година.

Пред половина година, судијката Милева осудила со парична казна од 100 евра во денарска противвредност автор на коментар на профил на „Фејсбук“, за изречени навреди кон новинар.

„Се работи за навреда на автор на новинарски текст кој е напишан за животот и делото на Кочо Рацин. Осудениот на 13 јуни 2010 година како член на Организациониот одбор на ’Рациновите средби‘, незадоволен од текст на новинар, со навредливи зборови се нафрлил врз авторот“, пренесува Академик.мк.

Навредливите коментари, како што било утврдено со судењето, биле прочитани од голем број пријатели на новинарот, кои подоцна биле клучни сведоци во судскиот процес.

Судењето траело две години. Во процесот биле вклучени администраторите на „Фејсбук“, кои ѝ помогнале на полицијата да собере докази дека навредливите коментари биле пишувани од компјутерот на обвинетиот, кој во текот на постапката тврдел дека неговото име било користено од лажен профил. Предметот бил обжален на апелациски суд, но во меѓувреме беше направена декриминализација на кривичното дело навреда и случајот бил затворен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top