Македонскиот ракометен вицешампион Металург со посакувана победа ги заврши настапите во Лигата на шампионите. Во Скопје, падна руски Чеховски Медведи, кој избраниците на Червар го совладаа со 31-24.
Во деветата сеозна во ЛШ, „сините“ од Автокоманда запишаа пет победи и исто толку порази и со 10 бода стигнаа на третото место во групата Д на кое може и да останат ако Елверум не освои бод на гостивањето кај Монпелје во последниот меч од групата. Тоа е чекор напред за „металузри“ во однос на лани кога беа последни во групата со само две победи. Впрочем, такви беа и желбите на играчите и на стручниот штаб во најавите пред натпреврот со Чеховски медведи, да дадат максимум и со победа пред својата публика да го завршат настапот во ЛШ. И успеаја да го реализираат тоа.
Металург тргна офанзивно и поведе со 3-0, мечот го отвори капитенот Филип Кузмановски, а потоа двата гола во серија додаде десниот бек Мартин Велковски. Чеховски медвдеи првиот гол го постигнаа по пет минути игра преку Кирил Котов. Гостите се приближија на гол негатива во 11.минута кога Металург прв пат тргна со седум играчи во напад, но ја загубија топката, а Роман Осташченко поентираше на празен гол.
Но, „металурзи“ брзо се консолидираа и повторно ја имаа контролата на играта и на резултатот. Со серија од 4-0 на средината од првиот дел прв пат дојдоа до пет гола предност (8-3). И во наредните минути Металург успешно се справуваше во нападот и најчесто наоѓаше решение за одбраната 5-1 на противникот. На четири минути пред крај на првиот дел, два пати по ред прецизен беше Александар Гуглета и на Металуг прв пат му донесе највисокапредност од шест гола разлика (14-8). На одморот „металурзи“ заминаа со предност од 15-10.
На стартот на второто полувреме Металург ја држеше константната разлика од пет гола (18-13), меѓутоа, гостинот доби залет, откако Кузмановски доби исклучување и успеа да се доближи на минус три (21-18). Но, агресивната игра на гостите како да им даде крила на младите ракометари на Металург, па тие возвратија во иста мера. Томовски забележа една интервенција, а во две супербрзи контри погодија Илиќ и Костески, за 24-18.
Во последните 10 минути од мечот „металурзите“ влегоа со предност од шест гола (26-20), а во финишот, благодарение на Арсиќ и Томовски кои скротија неколку удари на противниците, тимот дојде и до убедлива победа од седум голови.
Најефикасен во победата на Металург беше Вања Илиќ со осум гола, а го следеа Обрадовиќ со шест и Пешевски со четири голови. Кај гостинот, најмногу се истакна Кирил Котов со пет гола, а Черноиванов и Остатчекнко дадоа по три гола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.