| четврток, 6 декември 2018 |

Руската амбасада реагира: Западните медиуми со фејкови нè туркаат во информациска војна во Македонија

sergej lavrov

Руската амбасада во Скопје остро реагира на текстот „Предлогот на Рорабакер – верзија на стар руски предлог?“ објавен од македонската редакција на „Дојче веле“.

Во последно време западните медиуми со бран лажни вести како чума ги уништуваат и последните остатоци на доверба кон некогаш угледните новински куќи. Жално е дека жртва на оваа епидемија сега повторно стана „Дојче веле“. Повикувајќи се на други медиуми, а поточно австрискиот „Штандарт“, се обидува да му ја атрибуира на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, идејата за поделба на Република Македонија, што тој всушност никогаш не ја искажал, пишува во реакцијата на руската амбасада и ваквите тврдења ги отфрла како бесрамна измислица.

„Токму спротивно на тоа, Сергеј Лавров таквите идеи ги смета за неодговорни и опасни. Како потврда за ова целосно го цитираме тој дел од обраќањето на Сергеј Лавров на 20 мај 2015 година на кој се повикуваат овие несовесни новинари:

Сергеј Лавров: „Пред многу години навистина имаше мошне остри разлики меѓу Словените и Албанците, тогаш беше склучен и Охридскиот договор, кој ги воспостави мирот и стабилноста. Потоа во контактите со Европската унија се поставуваше прашањето за правата на Русите во Естонија и Летонија, ги прашавме: Зошто го поддржавте Охридскиот договор и на Албанците во Македонија им дадовте многу права, а не можете да го направите истото за Русите во Естонија и Летонија? Одговор не добивме. Сепак, конфликтот во Македонија беше разрешен.

Сега веќе се зборува дека Македонија треба да биде „федерализирана“ уште подлабоко, да се направи и „лабава федерација“, па дури и „конфедерација“. Дури се изнесуваат идеи зошто истата да не биде распарчена како вештачка држава, дел да ѝ се даде на Бугарија, а дел на Албанија. Без да ја спомне Македонија, во еден поширок контекст премиерот на Албанија во Тирана искажува пароли на “голема Албанија”. Во Тирана доаѓаат лидери на албанските партии во Македонија и од таму добиваат инструкции. Паралелно со тоа американскиот амбасадор во Скопје ги свикува лидерите на политичките партии и на опозицијата.

Кон крајот на април годинава дури беше организирана посета на постојаните претставници на некои западни земји и на ЕУ при ОБСЕ. Пет или шест луѓе без никаков мандат од Постојаниот совет на ОБСЕ дојдоа во Скопје, се прогласија за „мисија на ОБСЕ“ и притоа му испорачуваа рецепти и барања на Н. Груевски. За ваквото самоволие да не се повтори, ги замоливме седиштето на ОБСЕ, генералниот секретар и претседавачот, односно актуелниот министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, да спроведат истрага и да не известат како можеше такво нешто да се случи“.“

Би сакале да веруваме дека авторите на овој допис едноставно пренебрегнале со своите професионални обврски и не ја провериле веродостојноста на информацијата на која се повикуваат. Но, сепак, судејќи по тоа колку детално и заплеткано е изградена целата мрежа на многубројни референци, очигледно е дека станува збор за најобична технологија на „фејкот“ – омиленото средство на западните медиуми во информациски војни, стои во реакцијата на Амбасадата на Руската Федерација во Скопје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top