Америка е длабоко поделена, но не меѓу фашисти и демократи, туку меѓу елитата и сите други, а изборот на Трамп беше отфрлање на елитата.
Сепак, тоа не значи дека голем број демократи и прогресивци жестоко не се противат на Трамп. Толпата демонстранти имаат нешто заедничко со политичката и со медиумската елита: тие сѐ уште не можат да разберат како Трамп стана претседател или зошто милиони Американци продолжуваат да го поддржуваат. Дури и сега, неодамнешните анкети покажуваат дека повеќе Американци ја поддржуваат извршната наредба на Трамп за имигрантите отколку што се противат, но светот не го знае тоа со оглед на недоволната медиумска покриеност.
Токму медиумите, концентрирани во урбаните енклави, имаат тешкотии да ја разберат поддршката за забраната за патување на Трамп, односно целата негова агенда за реформи во имиграцискиот систем. Факт е дека голем број Американци што гласаа за Трамп, особено оние во приградските и во руралните области од внатрешноста и од југот на земјата, веќе долго време се чувствуваат исклучени од владините институции. Тие сакаат досегашната состојба со имиграцијата и трговијата да се промени – прашања што го донесоа Трамп во Белата куќа.
Во текот на првите две недели по преземањето на функцијата, секогаш кога Трамп ќе направеше нешто со што ги шокираше политичките и медиумските елити, неговите поддржувачи се радуваа. Им се допадна кога Трамп му рече на мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието дека, можеби, ќе мора да испрати војници вдолж границата за да го запре влезот за лошите момчиња од Мексико. Им се допадна кога тој се закани дека ќе го повлече договорот на Обама да прифати илјади бегалци што Австралија одби да ги згрижи. Тие сакаат Трамп да ги повлече финансиските регулативи од законот Дод-Френк за Волстрит и да ги преиспита трговските договори на САД. Затоа и гласаа за него.
Неуспехот да се разбере зошто овие мерки се популарни кај милиони Американци потекнува од длабокото чувство на исклученост од американското општество, што не почна со Трамп или со изборите во 2016 година. Со години, милиони гласачи се чувствуваа запоставени од економското заздравување што во голема мера ги исклучи, со култура која се потсмеваше на нивните верувања и влада која ветуваше промени, но никогаш не успеа да ги исполни.
Исклученоста е најочигледна во централнозападна Америка, во места како Акрон, мал град во североисточниот дел на Охајо сместен покрај реката Мала Кајахога. Центарот на градот е исполнет со чисти и пријатни улици, парк за бејзбол, кафулиња и универзитет од каде што постојано се слуша џагор. Луѓето се пријателски настроени и отворени. Во многу нешта, тоа е идиличен американски град.
Како и во многу приградски и рурални заедници низ земјата, во Акрон владее смртоносна епидемија на хероин. Минатото лето во градот се појави нов синтетички сурогат за хероин. Дваесет и едно лице се предозираа во еден ден. Во текот на следните недели се предозираа уште 300 лица, а десетици го загубија животот.
Епидемијата на хероин почна да се шири по падот на индустриското производство. Едно време Акрон беше производствен центар, дом на четири големи компании за гуми, каде што средната класа беше во пораст. Денес, повеќето од тоа го нема. Фабриките за гуми одамна се преселија во странство, а населението во градот постојано се намалува од 60-тите години на минатиот век. Токму за тоа зборуваше Трамп во неговото обраќање при инаугурацијата.
Акрон не е единствениот. Градовите низ некогашниот американски индустриски појас, Апалачија и длабокиот југ, постепено пропаѓаат. Многу од овие места веќе долго време се демократски упоришта, поддржани од некогашните стабилни синдикати.
На денот на изборите, милиони демократи што гласале за Барак Обама во 2008 и во 2012 година, го дадоа својот глас за Трамп. Во предвремените избори, тие демократи гласаа за промени, со надеж дека Обама ќе им даде приоритет на потребите на работниците пред елитата и пред посебните интереси на Вашингтон и на Волстрит.
За многу Американци, Хилари Клинтон e олицетворение на корупција и на интересите на елитата. Но, изборот на Трамп не е само отфрлање на Клинтон, туку и отфрлање на досегашната политика. Ако медиумите и политичкиот естаблишмент го гледаат Трамп како виор на хаосот и некомпетентноста, неговите поддржувачи го гледаат како некој што го презема склеротичниот систем што треба да се промени. Тоа е токму она што многу Американци мислеа дека го прават пред осум години кога го поставија сенаторот од Илиноис во Белата куќа. Обама вети нов начин на владеење – дека тој ќе биде постпартиски претседател, дека фундаментално ќе ја трансформира земјата, дека ќе се грижи за средната класа. Во екот на големата рецесија, луѓето го поддржаа. Нешто очигледно не беше во ред со политичкиот систем и на американскиот народ му требаше некој што ќе го поправи.
Впрочем, т.н. движење чај-партија не почна како реакција на претседателствувањето на Обама, туку на тоа на Џорџ Буш. Според повеќето Американци, финансиската криза беше предизвикана од банкарите на Волстрит и од неспособност на политичките лидери. Пред чај-партијата да се претвори во политичко движење, демонстрантите не беа само традиционални конзервативци што се грижеа за владата и за Уставот, тие беа, во најголем дел, обични Американци што сметаа дека системот е против нив и тие сакаа промена.
Но, промената не се случи. Обама понуди серија масивни владини програми, од финансиски стимул од 830 милијарди долари, до законот за достапна здравствена нега, до законот Дод-Френк, но ниту еден од нив не ги среди економските грижи за средната класа. Американците гледаа како федералната влада им помага на банките и на автомобилската индустрија, а потоа воведе реформи во здравствениот систем, при што милијарди долари од даночните обврзници се слеваа кај здравствените осигурителни компании. Во меѓувреме, премиите се зголемија, економското заздравување се одвиваше бавно, а милиони обични работници се свртеа кон купони за храна и социјални програми за да преживеат. Американците се запрашаа: „Каде е мојот пакет финансиска помош?“
Во исто време, тие гледаа како светот станува сè понестабилен. Обама вети дека ќе стави крај на непопуларната војна во Ирак и во Авганистан, дека ќе го врати угледот на Америка во меѓународната заедница и дека ќе склучи меѓународни договори што ќе донесат стабилност. Место тоа, Американците гледаа како ИСИС се појавува во вакуумот создаден од повлекувањето на САД од Ирак во 2011 година. Тие гледаа како граѓанската војна во Сирија предизвика бегалска криза во Европа. Терористичките напади инспирирани од ИСИС го зедоа својот данок во Америка, како и во Европа. И сето тоа се случуваше додека администрацијата на Обама инсистираше дека сè се одвива добро.
Среде сето тоа дојде Трамп. Славен милијардер со груб карактер, кој гледа само за својот џеб. Тој имаше видлив презир за двете политичките партии, за кои рече дека го изневериле американскиот народ. Тој покажа презир кон политиката за спорните прашања, како тероризмот, и во својата кампања и во неодамнешното обраќање.
Во многу нешта агендата на Трамп не е партиски препознатлива, особено во областа на трговијата. Речиси веднаш по преземањето на функцијата, исто како што ветуваше и Берни Сандер за време на кампањата, Трамп вети дека ќе ги повлече САД од Транспацифичкото партнерство, прогласувајќи крај на мултилатералните трговски договори. Тој, исто така, им се закани на американските компании со „граничен данок“ ако отворат фабрики во странство. Тоа не се традиционални републикански ставови, но се однесуваат на американските работници, кои гледаат како работодавците се повлекуваат од нивните заедници и ги носат работните места во странство.
Многумина традиционални републиканци отсекогаш не се согласувале со Трамп. Во основа не се согласуваат со неговите ставови за трговијата и за имиграцијата. Дури и сега, Конгресот на републиканците се буни против граничниот ѕид со Мексико што го предложи Трамп и ветува дека ќе ги блокира сите нови трошоци за тоа. Тие, исто така, не се согласуваат и лично со Трамп. Трамп го освои гласот на некои републиканци со ветувањето дека ќе номинира конзервативен судија да го замени судијата од Врховниот суд, Антонин Скалија – ветување што го исполни минатата недела со назначување на судијата Нил Горсач.
Откако Трамп ја освои номинацијата на националната конвенција на републиканците, повеќето републикански гласачи заклучија дека, и покрај сета несигурност што ја имаат за него, тој е многу подобра алтернатива од Клинтон.
Изборите од 2016 година не беа само референдум за осумте години што Обама ги помина во Белата куќа, туку отфрлање на целиот политички систем што ја предизвика војната со Ирак, финансиската криза, неуспешниот закон за здравствена заштита и шокантната нееднаквост во приходите за време на бавното економско закрепнување. Од Акрон до Алјаска, милиони Американци едноставно ја загубија довербата во нивните лидери и во институциите што требаше да им служат. Во нивниот очај, тие се свртеа кон човекот што не ги почитува елитите и нема никаква корист од нив.
Во својот говор при инаугурацијата, Трамп изјави: „Денес, ние не ја префрламе власта од една администрација на друга или од една партија на друга, туку од Вашингтон ви ја враќаме вам, на народот“. Во секој случај, овој вид популизам може да бидат опасен и непредвидлив, но не се јавува од никаде. Само корумпиран политички естаблишмент би можел да предизвика политички револт од овој размер. Место да се обвинува Трамп за порастот на расизмот и за ксенофобијата, треба да се обвинуваат тие што никогаш не го предвиделе тоа и сѐ уште не разбираат зошто толку многу Американци повеќе го сакаат Доналд Трамп во Белата куќа отколку да страдаат од владеењето на елитата.
Извор: „Гардијан“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.