И некако, додека станува сѐ појасно дека ДУИ, вака или онака, станува клучниот играч во формирањето влада, ми навира една историска поговорка од античко време :„Не им верувај на Данајците ниту дарови кога носат“. Се прашувам дали данајскиот подарок го носи ДУИ? Кој ќе го земе дарот (платформата), тој сигурно ќе „изгори“ без шанси да се возобнови во блиска или далечна иднина.
Откако увидоа дека Рамковниот договор не може да ги постигне нивните виртуелно зацртани цели и завидни апетити, прибегнаа кон една итроштина стара повеќе од 3.000 години, па одлучија да состават еден Тројански коњ којшто ќе им се понуди на двете доминантни македонски политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во знак на некоја посакувана европска иднина.
Но, да ни е јасно: тука ништо не е ниту црно ниту бело. Сиво е! Една голема политичка магла која континуирано ни ја пушта ДУИ во последните триесетина дена, во која се мешаат наводна грижа за иднината на Македонија, за сите националности во неа, за наводна стабилна влада, за кредибилни институции и европска иднина на државата, а, всушност, ДУИ мисли само за себе и за никој друг. Партијата на Али Ахмети, која загуби повеќе од 40 отсто од гласовите на својот електорат и веќе не е единствениот крупен претставник на Албанците во Република Македонија, е партија од којашто катаден слушаме разногласија во политичките ставови, и тоа од највисоките раководни структури.
Сега истата таа и таква партија нѐ убедува дека е хомогена, дека таа е клучот на сите проблеми во Македонија и дека не само на Албанците, туку тие мислеле и на иднината на Србите, на Ромите, на Власите и, се разбира, на Македонците. Но, не може да биде маглата толку густа колку што е очигледна недоследноста на разнишаната ДУИ. Упорно нѐ замајуваат дека тие решаваат нешто суштински битно за државата, а, всушност, сѐ се сведува на „купи ден, продај“ ако може до 5 март кога треба да се распишат локалните избори, на кои ќе се обидат да го надоместат сето она што го загубија на парламентарните избори. До тогаш македонската јавност треба да биде во заложничка криза. Затоа, пак, по тој датум, во нивните „домашни“ есапи очекуваат да излезат како победници и чувари на албанската кауза (двојазичност пред сé, па после влада) и ќе коалицираат со тие што најмногу ќе им удоволат на барањата.
Меѓутоа, да не заборавиме дека во античката измама и во „дрвениот коњ“ не се сами. Тука се и Алијансата на Зијадин Села, кој вели „прво донесување закон во кој албанскиот јазик ќе биде втор службен јазик во Македонија на целата територија на државата, па потоа влада“, но и Беса кај која сите опции завршуваат со целосно прифаќање на платформата.
Но, на играта за времето на ДУИ воопшто не им погодува нестандардната состојба во Македонија зашто кај нас никогаш немаме само две страни во преговарачкиот процес (власт и опозиција), туку тука е и задолжителната трета страна, односно меѓународната заедница. Е таа е малку понестрплива од Ахмети и вели дека е потребно час поскоро да се формира влада. Па, дури Европејците се надминаа себеси. Го слушам Жбогар кој вели: „Не е битно кој ќе ја формира владата, битно е таа да се формира побрзо ,а помалку е важно кој сѐ ќе учествува во неа“.
На Европа ѝ се брза, по цена и на широка коалиција, но забораваат дека на овие избори има и победници и поразени. Дека на овие избори граѓаните гласаа за програми и визии за Македонија, а денес имаме обичен пазар за некоја платформа која не ни постоеше за време на изборите и која ни ја изработија екстериторијално, во соседните држави, а граѓаните од Република Македонија не се ни изјаснија што мислат за неа. Со еден збор, колку и да ни изгледа дека е арогантно и пречувствително, можеби Жбогар ја зборува и вистината: „Дај формирајте влада што поскоро, да не му текне на уште некој сосед, Данаец или Тројанец, да ви скрои уште некоја платформа или, не дај боже, мапа, па дури тогаш да влезете во бескрајни преговори не само за влада, туку и за унитарноста, идентитетот, па и за опстанокот на државата“.
А, ние Македонците, познати по краткото помтење, за време на изборната кампања и претходно разговаравме за сѐ освен за платформата, која не ни постоеше. Сега, пак, разговараме само за платформата, како ништо друго да не постои. Или да заклучам, ние Македонците сами си ги помноживме изборите со нула и сега ни е криво кога некој друг ќе ни го каже истото со полудипломатски речник.
Република Македонија е парламентарна држава. Власта се добива и се губи на избори, а не на зелена маса. На избори се оди со програма во која се сублимирани сите проекции за иднината на државата. Потоа, политичките лидери се одговорни за спроведување на истата. Тука почнува и завршува нивната обврска кон народот и кон граѓаните во Република Македонија. Оттаму, двете клучни политички фигури во земјата, и Груевски и Заев како лидери на двете најголеми политички партии, ќе ја понесат и одговорноста за тоа колку државата ја подредиле на своите програми или ја жртвувале за гола власт во полза на виртуелни платформи. Видовме што мисли Груевски за таа платформа со самото враќање на мандатот.
Пред дваесетина години, кога имавме скромно парламентарно и демократско искуство, Македонија влезе во една ваква постизборна трик-замка кога со разни замешателства и притисоци, надвор од избори и надвор од сенародно изјаснување, ни ги сменија и името и знамето, па ден-денес ги влечеме последиците и на домашен и на меѓународен план. Сега барем имаме искуство повеќе дека сѐ што ќе се „спакува“ надвор од очите и желбата на народот, носи само штета.
Кој од македонскиот блок ќе собере сила да прими уште еден „тројански коњ“ во својот двор е, можеби, суштинското прашање за кое ќе се говори во иднина. Тука, всушност, и се одмотува спиралата на неизвесност. Но, влада, секако, ќе има!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
ДУИ не се подготвени: Не е време за предвремени избори
-
Ахмети: ДУИ има огромен придонес во менувањето на името на државата со цел доближување до ЕУ и НАТО
-
ДУИ бара да се казнат виновниците за смртта на Саздовски
-
Османи го информираше ДУИ за договорот, партијата со целосна поддршка на Владата во преговорите за името