Писмото потпишано од една мала група македонски професори и самонаречени интелектуалци е, во најблага форма кажано, срам за македонската интелектуална и универзитетска мисла, вели проф. д-р Тања Каракамишева – Јовановска од Правниот факултет во Скопје, според која тоа изобилува со многу неточни информации и класични извртувања на вистината, кои се веднаш видливи. Јасно е како бел ден кој го излобирал ова писмо и кој стои зад него, исто како и видливоста на политичките интереси на СДСМ да ги дискредитираат по милионити пат ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, ама сега преку „независните“ интелектуалци.
Невкусно е и безобразно од интелектуалци да се обраќаат со директна поддршка на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ преку пласирање лажни информации, извртувања и полувистини. Трагично е македонски интелектуалци да спаднат толку ниско за да кажуваат лаги и измислици за политичката состојба во РМ поради некои свои лукративни или кариеристички интереси и побуди. Уште посрамно е за годините што ги носат и за титулите со кои се перчат да фабрикуваат такви дискредитирачки информации насочени исклучително против една личност, Никола Груевски и неговите најблиски соработници. Лажните информации содржани во писмото личат на класичните удбашки етикетирања познати од времето на социјализмот. На јавноста ѝ е познато дека добар дел од потпишаните се во тесни врски со удбашките структури во земјата и во Србија, така што мотивот да го нападнат лично Груевски пред странските дипломати и пред европските и американските институции е повеќе од очигледен и лукративен. Многу добро се сеќаваме како до вчера дел од потпишаните професори му се додворуваа на Груевски во секоја можна пригода, како молеа пред неговиот кабинет со часови, како работеа на негови проекти без ниту еден напишан збор ама за дебели хонорари, како се лигавеа дека тој е единствениот политичар-реформатор во РМ и дека само тој е способен политичар во земјата, како му се пикаа во секоја можна пригода да бидат поблиску до него, како му се додворуваа на секаков можен начин, дури и на штета на професијата, за сега, наеднаш, сите тие познати митаџии, познати криминалци и луѓе со образ-ѓон да застанат на стартна линија за канонаден напад против Груевски. Срамота.
Во писмото, токму оваа одбрана група митаџии се повикува на одбрана на принципите на парламентарната демократија во нашата држава, кои замислете, „постепено во 11-годишното владеење на Груевски прерасна во автократски режим на хибриден политички систем“. Срам. Професори што немаат поим дека „политички режим“ и „политички систем“, е, всушност, едно исто, два поима со исто значење. Срам за професори и за интелектуалци, кои немаат поим што зборуваат и што пишуваат. Мислат дека ако кажат авторитарен режим на хибриден политички систем дека кажале голема дума. Вистината е дека кажале едно големо ништо. Измешале принципи на парламентарна демократија со режим со систем и на крај се посрамиле пред целата македонска и меѓународна јавност за сите пари, што во изминатите 11 години ги зеле токму од Груевски. Рани куче да те лае.
Понатаму, во писмото велат „идилата на 11-годишното владеење во континуитет на ВМРО-ДПМНЕ беше разоткриена во 2016 година, кога беа откриени големи скандали на неовластено прислушување од страна на МВР на сите тие што размислуваа поинаку“. Бреј. Не случајно, туку потсвесно овие интелектуалци и професори зборуваат за идилата на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога најголем дел од нив клечеа пред кабинетот на Груевски и се нудеа за разни функции. Ајде да потсетиме дека токму проф. Кекеновски му се нудеше на Груевски да биде претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на претходните претседателски избори. Значи да биде кандидат од партијата што сега ја нарекува мафијашка. Демек, тогаш кога Кекеновски се нудеше да биде кандидат за претседател на РМ не била мафијашка, а сега наеднаш стана мафијашка и криминална. Што е многу, многу е.
Да не ги отвораме досиејата на другите „душегрижници“.Може да се напише цел ферман. Криминал до криминал. Дел од потпишаните на писмото се и професори по право, кои би морале да знаат дека неовластеното прислушување кое, како што велат, се случувало во МВР кон тие што размислувале поинаку, мора и да го докажат. Дали имаат увид во некои други материјали, кои јавноста не ги знае, дали имаат увид во нешто што ниту СЈО, наводно, го нема, треба сериозно да се истражи и оцени. Дали овие лица имаат увид во некоја поголема колекција од нелегално снимени разговори за кои јавноста знае дека е сѐ уште во рацете на Заев?
Од каде имаат информации дека други луѓе, кои мислеле поинаку од власта, биле прислушувани од власта!? Потоа, како можат како правници да се потпишат на писмо во кое се тврди дека во прислушуваните материјали биле откриени финансиски скандали, изнудувања пари, уцени и сл. кога во Законот за кривичната постапка јасно стои дека незаконски собраните информации не можат да послужат како легални докази во постапката. Слушнале ли тие воопшто за пресумпција на невиност, за законитост на докази и за многу други начела врз кои е заснована кривичната постапка или само на хартија се професори по право. Врв на срамот е констатацијата наведена во писмото дека од тој момент кога се објавиле „бомбите“ Македонија се соочила со проблеми од криминална природа, а не со идеолошки судир. Од тој момент, замислете, Македонија се соочила со „битка за владеење на правото и за спроведување кривична одговорност на криминализирани политичари“. Ниту еден збор за нивниот миленик, сега од другата страна, вистинскиот криминалец-политичар што го штитат со сета сила, ниту збор за тоа какво владеење на право има во земја во која Заев се ослободува од гонење со акт на СЈО, преку погазување на сите претходни дејства преземени од судот, и со грубо газење на сите докази што инфлагранти докажуваат криминал кај нивниот партнер и кај нивните удбашки пријателчиња. Величањето на противуставното СЈО во системот, неодговорното навивање во корист на СЈО е дополнителен срам за професорите правници потпишани во писмото. Да се величи орган што е срам за правната професија значи да си на исто срамно ниво на знаење како и јавните обвинители во тој противуставен орган. Набедувањето и лажното информирање во писмото дека ВМРО-ДПМНЕ отворило војна против амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и на САД е грдо извртување, кое не прилега да биде изнесено во отворено писмо од професори и од интелектуалци. Немешање во внатрешните работи на независна Република Македонија од никого, а најмалку на амбасадори на туѓи држави, чијшто мандат е јасно дефиниран во Виенската конвенција за дипломатски работи, е јасна порака и сигнал на партијата што е на власт дека нема да дозволи Македонија да стане место каде што секој ќе свири така како што сака и по ноти што ги одбрал, и дека тоа е недозволиво и нема да се толерира. Таквото мешање, таквото неповикано вршење работи за сметка на друг, е грубо кршење на сите дипломатски протоколи, кршење на принципите на меѓународното право и политика и директна повреда на Уставот на РМ.
Понатаму, во писмото стои дека овие напади кон амбасадорите биле со цел да се „маскира досегашната практика на владеење со корупција и со целосна приватизација!?“. Гледај кој зборува за целосната приватизација на државата, па половина од потпишаните на директен или индиректен начин беа вклучени во најмрачните процеси на македонската приватизација направена некогаш, или како експерти или како консултанти. Дозволија да се ограби целиот општествен имот на државата со цел да се стави во рацете на неколкумина олигарси – нивни пријатели, кои потоа дебело ги наградија за таквата услуга. И сега тие луѓе имаат образ да зборуваат за правда, за право и за лицето на другиот? Најгнасното извртување содржано во писмото е извртувањето на вистината за средбата меѓу Груевски и рускиот амбасадор со директна импутација дека Груевски и неговата партија се проруски настроени. Констатацијата дека „финиот начин на комуникација и префинетиот дипломатски речник на Груевски со рускиот амбасадор“ овие големи и учени професори ја извлекле од нивното сознание дека Груевски ја води Македонија во прегратките на Русија.
Да резимирам. Целово писмо е доказ дека хартијата трпи сѐ. По неговото читање, најверојатно, и амбасадорите си рекле „аман, ве молам, доста нѐ браневте. Ова е премногу дури и за нашиот стомак“.
(Текст објавен во 232. број на неделникот „Република“, 10.2.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски