| четврток, 6 декември 2018 |

Ако сака влада, Заев ќе мора да потврди – 350.000 Македонци гласаа за албанската платформа

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

Во екот на меѓупартиските пазарења за формирање парламентарно мнозинство слушнавме разни пораки и анализи, но не и тоа што сите го очекуваме – конкретни одлуки. Во бурата од информации во медиумите, сепак, највпечатлив е молкот на загубениот Зоран Заев, кој вака набиен в ќош ќе мора да излезе од глувчешката дупка за да се изјасни дали ја прифаќа платформата на албанските партии. Или, со други зборови, ќе мора јасно и гласно да каже кого лажеше во изборната кампања – албанските гласачи на кои им го ветуваше ова што сега го ставија на маса ДУИ, Беса и Алијансата или македонските гласачи на кои им тврдеше дека обвинувањата за целосна двојазичност и федерализација на државата се измислици на медиумите.

Ситуацијата иако, во принцип, е многу сложена, може многу едноставно да се опише и тоа во само една реченица: СДСМ ќе може да се надева на мандат само ако се изјасни за платформата на албанските партии.

Впрочем и ДУИ и Беса пратија речиси идентична порака: „Ако СДСМ ја прифати платформата нема да има пречки за формирање влада“.

Проблемот на Заев не е во суштината на барањата на албанските партии затоа што тој прв ги промовираше на средбите со албанската дијаспора во Берн. Проблемот е во тоа што лидерите на албанските партии бараат од него ветувањето да го стави на хартија, а потоа јасно и гласно да ѝ го соопшти на македонската јавност.

Неуспехот на Заев да формира влада по секоја цена, пак, би значело пораз и на „чадорот“ што ја креираше кризата не за да овозможи услови за „фер и демократски“ избори на кои СДСМ нема да загуби со 200.000 разлика, туку ќе создаде услови за промена на името на државата. Токму од тие причини сега преку Брисел се притиска за широка коалициска влада во која на „пријателите од надвор“ не им е важно дали во неа ќе биде победничката партија на изборите, односно дали ќе биде почитувана волјата на мнозинството. Тоа што во моментов им е важно е да се формира марионетска влада, која по брза постапка ќе го реализира нивниот план. Подготвени се за таа цел да го погазат и тоа што самите тие ни го наметнувале како критериуми за евроинтеграцијата на Македонија – Охридскиот рамковен договор.

Сосема се во право аналитичарите што тврдат дека со платформата се погребува Охридскиот договор и отворено прашуваат зошто Брисел молчи за ова прашање. Особено изненадува молкот на тие што го гарантираа Рамковниот договор. Замислете, тие што 15 години нѐ убедуваа дека Рамковниот договор е темелот на македонската држава и дека тие што го негираат не ѝ мислат добро на Македонија, сега наеднаш занемуваат пред платформата на албанските партии!

Место тоа ни подметнуваат широка коалициска влада, која ќе има јасна цел – брза промена на името на државата без одобрение на народот, воведување двојазичност, менување на националните симболи, бришење на унитарниот карактер на државата, целосно обезличување на Македонците!

Додека чекаме да видиме колкава сметка ќе плати македонскиот народ за кризата што ни ја сервираа на маса Заев и неговите „чадори“, сакам само да потсетам од каде почнавме, а каде завршивме: По изборите во 2014 година Заев не ги призна резултатите затоа што, наводно, изборите биле нелегитимни, а ВМРО-ДПМНЕ украло 200.000 гласови. Тврдеше дека за власта гласале фантоми и поради тоа владата мора да поднесе оставка. На 11 декември се докажа дека обвинувањата на Заев се лажни и неиздржани. Но, во тие две години на криза државата беше турната на колена, темелите поткопани, а народот изманипулиран до таа мера што лидерот на опозицијата денес се повикува на 435.000 гласа, кои му даваат мандат да тргува со националните интереси.

Во случај Заев да ја прифати платформата, гласачите Албанци ќе бидат задоволни. Но, се прашувам како ќе реагираат Македонците што гласаа за СДСМ? Дали ќе се согласат Заев да донесе одлука во нивно име или ќе излезат на улица и ќе побараат одговорност од него за измамата?

kol232-nm-alb-mkd-2

Тие што сѐ уште не разбираат што бараат албанските партии, односно што треба Заев да прифати за да формира влада, можат да прочитаат во продолжение:

Платформа на албанските партии

1. Постигнување целосна рамноправност во согласност со Охридскиот договор и Уставот

  • Правилно спроведување на принципот на мултиетничноста во Уставот на РМ, каде што Албанците се сметаат за државотворна нација, поддржување секаква правна и уставна иницијатива што ja засилува националната рамноправност за албанското население.
  • Постигнување целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик на сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија”.
  • Сеопфатна дебата за знамето, химната и за државниот грб на Република Македонија, со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност.
  • Усвојување резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот од 1912 година до 1956 година.

2. Постигнување економска рамноправност и оп­штествена благосостојба, особено преку рамномерен регионален развој

  • Создавање нов механизам, во форма на една државна комисија за финансирање на општините, за донесување одлуки со право за владини грантови во корист на општините.
  • Создавање министерство за политички систем и за односи меѓу заедниците, како надлежен орган за почитување на правата на заедниците и за поттикнување на економскиот и на социјалниот развој во неразвиените подрачја.
  • Остварување правична зас­тапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата.
  • Остварување правична застапеност во сите нивоа на централната власт, како и во јавните служби или прет­пријатија со јавни акции.

3. Засилување на владее­њето на правото, како предуслов за напредок на евроатлантскиот интегративен процес

  • Спроведувањето на реформите во согласност со договорот во Скопје, Препораките на Прибе, итните препораки на Европската комисија, како и препораките од пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ.
  • Поддршка за непристрасно вршење на работата на специјалниот обвинител, без етнички и политички предрасуди.
  • Целосно расчистување на прашањата и на судските постапки како „Сопот”, „Бродец”, „Монструм” и „Куманово” преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган.

4. Создавање дух на доверба во функција на добри меѓуетнички односи како суштински елемент за политичка стабилност во земјата

  • Преземање афирмативни мерки за обезбедување финансирање на албанските културни институции на централно и на локално ниво.
  • Создавање една централна институција за унапредување на јазиците на заедниците, која ќе обезбеди подготовка на преведувачи, уредници и на предавачи.

5. Решавање на спорот за името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право

  • Усвојување заедничка и обврзувачка резолуција во Собранието на Република Македонија со која Владата на Република Македонија се обврзува активно да се вклучи кон решавањето на спорот за името.
  • Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција.

6. Добри односи со соседите

  • Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Бугарија.
  • Соработка со Косово и Албанија за интегрирано гранично управување.
  • Отворање на нови гранични премини.

7. Брза интеграција во НАТО и во Европската унија

  • Исполнувањето на наведените точки ќе го деблокира патот на Македонија кон целосна интеграција во НАТО и отворање на преговорите за членство во Европската унија.

Исполнувањето на овие цели ќе се следи преку организирање тркалезна маса на албанските парламентарни партии. Тркалезната маса на албанските парламентарни партии ќе се одвива во согласност со принципот на ротација и ќе служи како платформа за усогласување на политичкото дејствување и транспарентна комуникација со меѓународните партнери на Македонија, особено барајќи ја поддршката на Европската унија и меѓународните институции. Тркалезната маса ќе ги определи роковите за спроведување на наведените цели, во согласност со законите и Уставот на Република Македонија.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top