| четврток, 6 декември 2018 |

„Мачорот во чизми“-нова претстава на Театар за деца и младинци

Театарот за деца и младинци од Скопје, ги почна подготовките за претставата „МАЧОРОТ ВО ЧИЗМИ“, чија адаптација на познатата приказна од Шарл Перо ја направи Горјан Милошевски, според заедничките идеи на режисерот Игор Ивковиќ.

– Претставата е замислена да биде своевидно магионичарско-илузионистичко шоу, преку кое ќе ја пренесеме пораката дека доброто секогаш го победува злото и дека подадената рака на луѓето кои се во неволја е највредната човечка карактеристика. Создаваме вистинска херојска комедија за деца, па и возрасни, исполнета со многу смеа, музика, магија и илузија, обаснува режисерот на претставата Игор Ивковиќ.

*. За потребите на претставата како соработник е ангажиран и познатиот македонски илузионист и магионичар Гого Реквием.

-Со режисерот Ивковиќ повторно ја обмисливме приказната за Мачорот во чизми. Испишав драматизација многу различна од старата бајка. Децата и возрасните ќе можат да гледаат една урнебесна авантура полна и богата со брливи ликови што сака да ги поттикне да се смеат и уживаат. Текстот пренесува порака како да се сака и сподели животот со нашите пријатели и сакани. Како преку добрина и отворено срце наоѓаме пат до поубав живот. Во оваа драма и претстава ги нема лукавоста, расипаната снаодливост и важноста на материјалните добра кои се истакнати во традиционалната бајка, вели авторот на текстот Горјан Милошевски.

Музиката за претставата ќе ја работи Бојан Петков („Летечки пекинезери“), корегорафијата е на Валентин Апостоловски, а дизајнот на сценографија и костими ќе ја работи Маре Трајковска.

Со „Мачорот во чизми“, Театар за деца и младинци отпочнува со реализација на програмата за 2017 година, во која се предвидени и уште две хит претстави „Снежната кралица “ во режија на Софија Ристевска и „Во месечевата соба“ во режија на гостинот од Бугарија Петар Пашов.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top