Министерката Елизабета Канческа-Милевска денеска прими делегација од државните театри на Турција предводена од директорот Ерџан Серин, која деновиве престојува во земјава.
Како што информира Министерството за култура, повод за посетата е минатонеделната билатерална средба на министрите за култура на Македонија и на Турција Елизабета Канческа-Милевска и Наби Авчи, кои дискутирале и за интензивирање на изградбата на новиот објект на Турскиот театар-Скопје, во која ќе партиципира и турската Влада.
На средбата Канческа-Милевска изразила благодарност до својот турски колега за големата посветеност во реализацијата на културната соработка, која, како што се наведува, наскоро ќе биде потврдена и со потпишување на новата Програма за соработка меѓу двете држави.
– Гостите од Турција, потврдувајќи ја традиционално одличната соработка во сите сегменти од областа на културата, ја информираа министерката за култура за извршениот увид во градбата на Турскиот театар, како и за обезбедувањето на сите технички информации кои ќе послужат за преземање следни чекори во изградбата на објектот, се вели во соопштението од Министерството за култура.
На средбата, како што се наведува, беше оценето дека реализацијата на проектот е од особено значење и треба што поскоро да се заврши, со што ќе се овозможи Театарот да ги презентира своите уметнички креации во нов објект, изграден според сите светски стандарди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.