Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска се сретна со Ерик Ле Роа, претседател на Меѓународната асоцијација на кинотеки и филмски архиви (ФИАФ) Мими Ѓоргоска-Илиевска, директорка на Кинотеката на Македонија, Лоренс Оер, амбасадорка на Франција во Македонија и директорот на Францускиот институт, Жан Ив Лавуар. Повод за средбата беше Седумдесеттиот конгрес на Меѓународната федерација на кинотеки и филмски архиви (ФИАФ) ќе се одржува од 4 до 10 мај во Македонската академија на науките и уметностите. Домаќин на шестдневниот настан ќе биде Кинотеката на Македонија која во Федерацијата полноправно членува од 1993 година, а организирањето на овој значаен настан го доби на конгресот пред две години.
Министерката за култура соопшти дека Конгресот е исклучително значаен настан за Република Македонија и му се заблагодари на Ле Роа за укажаната доверба кон државата и кон Кинотеката на Македонија.
– Сметам дека довербата што ни е дадена произлегува од сите заложби на Владата и на Министерството за заштита на нашето аудиовизуелно наследство – истакна Канческа-Милевска. Таа во разговорот го информира претседателот на ФИАФ за крупните проекти – донесениот Закон за аудиовизуелно наследство, новиот Закон за филмска дејност и Агенцијата за филм, реставрацијата и дигитализацијата на филмското наследство, изградбата на нови депоа со современи стандарди за чување на филмовите и оспособувањето на нов простор за кинотечниот фонд во објектот-споменик на културата Хавзи-пашини конаци.
Во постојани контакти со Кинотеката за подготовките на Конгресот во Скопје е претседателот на ФИАФ, Ерик Ле Роа, кој се заблагодари за посветеноста на Кинотеката и на Република Македонија околу организирањето на Конгресот кој, како што рече, е многу важен за ФИАФ и се одржува еднаш годишно.
Симпозиумот во рамките на Конгресот ќе биде посветен на 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна и во шесте дена ќе има вечерни проекции на ретки архивски материјали, некои и невидени во јавноста, што ги поседуваат кинотеките низ светот, а се однесуваат на тој глобален историски настан. Програмата ќе биде збогатена и со ретроспектива на македонски филмови.
Ле Роа изјави дека на Конгресот ќе учествуваат околу 200 делегати од сите континенти, затоа што во ФИАФ се здружени над 150 институции од областа на филмот од 77 земји.
– Тоа што настанот ќе биде во Македонија, значи дека ќе откриеме и една историја на филм, која е помалку позната дури и во Европа, а за нас ќе значи да ја збогатиме нашата кинофилија или љубов кон филмот. Особено сум среќен што ја имам вашата поддршка за програмата на Конгресот. Со Кинотеката имаме динамични контакти и сме сигурни дека се ќе помине убаво… Трогателно е и многу позитивно да се констатира дека филмското наследство е во голема мера убаво зачувано – изјави Ле Роа, кој на средбата со Канческа-Милевска беше запознаен со сите проекти што ги презема државава во оваа сфера.
Директорката на Кинотеката, Мими Ѓоргоска-Илиевска, рече дека е привилегија за Кинотеката да го организира 70. Конгрес на ФИАФ. Таа соопшти дека за симпозиумот посветен на Првата светска војна е објавен конкурс за апликации на архиви/кинотеки кои би учествувале на конгресот.
– Примени се околу 30 апликации, треба да се направи селекција зашто не ќе може сите да бидат ставени поради временските ограничувања. Се надевам дека ќе има плодна дискусија, значајна не само за филмските архиви и за историските експерти кои истражуваат, туку и интересна за јавноста зашто ќе има проекции на филмови во киното „Милениум“ кои ќе ги добиеме од нашите колеги – рече Ѓоргоска-Илиевска.
ФИАФ (Fédération Internationale des Archives du Film) е основана во 1938 година и нејзини цели се прибирање, заштита, прикажување и промоција на подвижните слики на национално и на меѓународно ниво, развивање на соработката меѓу членките и обезбедување меѓународна достапност на филмовите и на филмските документи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.