Преговорите меѓу СДСМ и ДУИ за да обезбедат потписи за формирање влада повторно во прв план ја извадија платформата на албанските партии што беше договорена со премиерот на Албанија, Еди Рама.
Артан Груби од ДУИ вчера беше дециден дека доколку СДСМ целосно ја прифати платформата, нема пречка да формираат влада.
– Не гледам причина зошто да не прифатат. Верувам дека тоа ќе го одразат и не гледам причина зошто ниту еден Македонец да не прифати, бидејќи оваа платформа ѝ помага на социјалната кохезија, граѓанската еднаквост, и е добра за Република Македонија – смета Груби.
Платформата, која во текот на преговорите меѓу ВМРО и ДУИ беше отфрлена од страна на владејачката партија, содржи барања за целосна двојазичност и изедначување на албанскиот со официјалниот јазик, како и започнување дебата за промена на знамето, химната и грбот.
Раководството на ДУИ веќе нескриено изјавува дека од СДСМ ќе бара јавно да се изјасни дека платформата целосно е прифатлива пред да ги даде потписите со кои Зоран Заев од претседателот Ѓорге Иванов ќе добие мандат за формирање влада.
Што содржи платформата на ДУИ, Беса и „Алијансата за Албанците”?
– Правилно спроведување на принципот на мултиетничноста во Уставот на РМ, каде што Албанците се сметаат како државотворна нација, поддржување секаква правна и уставна иницијатива која ja зајакнува националната рамноправност за албанското население.
– Постигнување целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик на сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија.
– Сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб на Република Македонија, со цел државните симболи да ги рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност.
– Усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот од 1912 до 1956 година.
Решавање на спорот за името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право.
– Усвојување заедничка и обврзувачка резолуција во Собранието на Република Македонија со која Владата на Република Македонија се обврзува активно да се вклучи кон решавањето на спорот за името.
– Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.