| четврток, 6 декември 2018 |

Стјуардеса херој: Спасила 14-годишно девојче од трговци со луѓе благодарение на тајна порака

Четириесет и деветгодишната Шејла Фредерик, стјуардеса од компанијата „Алјаска ерлајнс“, спасила жртва на трговија со луѓе за време на еден од летовите.

Шејла за време на летот од Сиетл до Сан Франциско го видела девојчето со разбушавена коса и исплашен израз на лицето, како седи до добро облечен човек. Веднаш забележала дека нешто не е во ред.

– Девојчето имаше околу 14 години и кога ја видов знаев дека нешто не е во ред. Наречете го претчувство, било како, но некој глас ми велеше дека нешто не е во ред. Нешто тука не се поклопуваше: тој беше многу добро облечен и среден, а таа во скината облека – рекла Шејла за „Њуз10“.

Кога се обидела да поразговара со нив, мажот станал непријатен, додека девојчето цело време молчело. Тогаш стјуардесата дошла до идејата на девојчето да му остави тајна порака во тоалетот, на која таа одговорила со „Ми треба помош“.


Шејла тоа им го кажала на пилотите, кои ја известиле полицијата во Сан Франциско. Трговецот со луѓе бил уапсен откако авионот слетал, а девојчето било ослободено.

Ваквото херојско дело на Шејла Фредерик дошло по обуката која американските авиокомпании ја вовеле во својата програма уште во 2009 година, и тоа за да се спречи трговија со луѓе.

– Стјуардеса сум веќе 10 години, но ова ми е прва ваква ситуација. Кога го видов девојчето, веднаш се сетив на обуката. Сè беше тука, нејзиниот израз на лицето, избегнување на контакт со очи, однесувањето на киднаперот, сè се поклопуваше – изјавила Шејла, а пренесува Индепендент.

Американските власти само минатата година на аеродромите уапсиле 2.000 трговци со луѓе и идентификувале повеќе од 400 жртви.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top