Ракот на грлото на матката во Македонија е второ малигно заболување и втора причина за смрт од рак кај жените, по ракот на дојката. Кај нас, секоја година од рак на грлото на матката заболуваат по околу 300 жени, а приближно една половина од нив умираат како последица на оваа болест. Почетокот на оваа болест е без симптоми и се нарекува предракова состојба. Појавата на првите симптоми се веќе знак за помалку или повеќе напреднат процес, а тоа се нечист, жолтеникав вагинален исцедок, повремено со примеси на крв како и мали крвавења после сексуален однос. Речиси секој случај на рак на грлото на матката може да се спречи со редовни гинеколошки прегледи (ПАП-тест или ХПВ тест), како и примарно со вакцината против ХПВ. ПАП-тестот може да открие дали постојат клеточни промени предизвикани од ХПВ-вирусот и предмалигни состојби. Постојат повеќе типови на ХПВ и од тие типовите 16 и 18 заедно предизвикуваат околу 70 отсто од сите цервикални карциноми.
– Според Центарот за следење на болести во САД 77 отсто од сексуално активните мажи и жени во текот на својот живот век ќе бидат заразени со ХПВ. Меѓутоа, само многу мал број ќе развијат предракови состојби и рак на одредени локализации, а, пред сѐ, тоа е поради тоа што има различни кофактори што ѝ помагаат на оваа вирусна инфекција да придонесе во нејзиното онкогено дејствување, тоа се, пред сѐ, пушењето цигари и намалениот имунитет – вели доцент доктор Горан Димитров, претседател на Здружението за ХПВ на Македонија и претседател на Македонското лекарско друштво.
Последната недела од јануари е означена како Европска недела за превенција од ракот на грлото на матката.
Зошто е важно најмалку еднаш годишно жените да прават ПАП-тест и тест за ХПВ?
ДИМИТРОВ: Изумот на 20-тите години на минатиот век, кој почна да се употребува во масовни скенирања во педесеттите години во повеќе држави во светот, САД, Норвешка, Шведска, Финска направи еден вид триумфално одење кон намалувањето на инциденцијата на ракот на грлото на матката. ХПВ-тестот со огромна сензитивност може да ги открие, ако биде употребен како тест за скенирање, тие случаи што се во предракова состојба на грлото на матката.
Дали македонската жена создаде навика да ги прави овие тестови?
ДИМИТРОВ: За жал, не. Кај нас ситуацијата е многу контрадикторна. Има жени, девојки, кои никогаш не биле на гинеколог и никогаш не направиле ПАП-тест или ХПВ-тест. Наспроти тоа, пред неколку години имавме случај во кој жена, на различни места во една година направила девет пати ПАП-тест. Со тоа и самото општество се става под голем трошок, а не се постигнува никаков ефект. Има жени што не доаѓаат на редовни прегледи и на таканаречено скенирање, а други, поради определени причини, како што е стравот од рак (канцерофобија), доаѓаат премногу често на преглед.
Во Македонија вакцината за ХПВ е задолжителна. Како може да ја спречи појавата на ракот на грлото на матката?
ДИМИТРОВ: Во сите учебници, протоколи, раководства, кога се зборува за ракот на грлото на матката е влезена вакцината за ХПВ како примарна заштита од ракот на грлото на матката. Што значи тоа? Тоа значи дека ако се постигне добра покриеност на вакцинирани девојчиња, а препорачана возраст е од 12 години, а од 2015 година е пожелно да се вакцинираат и момчињата од 12 до 14 години, ќе дојде до големо опаѓање на инциденцијата на ракот на грлото на матката во наредните 10 години ако таа заедница, односно држава, е со голема покриеност на вакцинацијата.
Последните податоци покажуваат дека годишно во Македонија приближно 300 жени заболуваат од рак на грлото на матката. Дали ова е голема бројка за нашата држава?
ДИМИТРОВ: Тоа е голема бројка за држава што има два милиона жители и во која под популација што се скенира, односно целна група ѝ се околу 480 илјади жени. Според новите водичи, програмата за скенирање ги опфаќа жените на возраст од 25 до 65 години. За жал, во последните 10-15 години, Македонија е во првите десет земји на географска Европа што имаат висока инциденција на рак на грлото на матката.
Зошто во некои средини не се прифаќа ХПВ-вакцината?Кој е проблемот?
ДИМИТРОВ: Проблемот е, пред сѐ, во свеста и во дотурот на лажни информации до народот. А тоа е дека вакцината е штетна, има несакани последици, дека од неа може да се развијат други болести, вакцината не дејствува против сите типови вируси и така натаму. Меѓутоа, еден е фактот, а тоа е дека вакцината против ХПВ, навистина, штити од ракот на грлото на матката. Тоа е веќе докажано, не само во десетгодишните студии што се направени по нејзиното воведување во 2006 година, туку и во истражувањата што се направени седум години пред нејзиното воведување. Имаме огромен период во кој било направено тестирање и во кој ефикасноста на вакцината против развивање малигни болести или предракови болести е високоефикасна и се движи меѓу 98 и 100 проценти.
Дали само вакцината е единствена заштита од ХПВ-вирусот?
ДИМИТРОВ: Освен вакцината, постојат и правила што може да нѐ заштитат. Ако постои само ХПВ-инфекција, постојат препораки. Лицето што има инфекција треба да го зголеми имунитетот со внесување разни витамини, олигоминерали и имуномодулатори, кои ќе помогнат да настане „брзо исчистување“ на инфекцијата и тоа во огромен процент, ако се почитуваат овие правила. Нормално, за гениталната ХПВ-инфекција многу се битни и безбедни сексуални односи, односно користење кондом. Овој вирус е многу контагиозен, односно високопренослив и кога има пречка потешко се пренесува.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Дејан Станчевски
(интервјуто е објавено во 231. број на неделникот Република кој излезе во печат на 3.12.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.