| четврток, 6 декември 2018 |

Пријави за родителите што одбиваат вакцинација

Здравствената инспекција во Црна Гора од почетокот на годинава поднела пријави против 38 родители што одбиле да ги однесат децата на вакцинација. Најголемиот број родители што одбиле вакцинирање на децата се од Подгорица, објави РТЦГ.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, 52 отсто од децата што се родени во 2016 година сѐ уште не ја примиле ММР-вакцината против малите сипаници, заушки и рубеоли, што го загрозува колективниот имунитет меѓу најмладата популација.
– Од почетокот на 2018 година, Здравствената инспекција поднела 38 барања за поведување прекршочна постапка против родителите што одбиле вакцинација на своите деца. Во 2017 година биле поднесени 261 барање за прекршочна постапка пред судот – соопштуваат од Управата за инспекциски работи.
Најголем број случаи на одбивање на имунизацијата на деца се забележани во Подгорица, Никшиќ, Беране, Херцег Нови. Предвидените казни за одбивање имунопрофилакса и хемиопрофилакса против одредени заразни болести изнесуваат од 100 до 2.000 евра.
– Од почетокот на годината инфекција од вирусот морбили е докажана кај шест пациенти, а моментално на лекување од оваа болест во Црна Гора има три пациенти. Сите заболени лица се наоѓаат во добра здравствена состојба – велат од институтот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top