| четврток, 6 декември 2018 |

Георгиевски: Албанската платформа е поништување на Охридскиот рамковен договор!

После 15 години ние сега имаме повторно платформа, која ако ја читате, тоа не е ништо друго, туку според мене е поништување на правилата на играта од Охридскиот рамковен договор, вели лидерот на ВМРО-НП и поранешен премиер Љубчо Георгиевски во дебатната емисија „Аргументи“ на ТВ НОВА.

– Јас ја читам 3-4 пати оваа платформа, ако гледаме членови и подчленови, таму има 50-тина точки кои треба ние допрва да ги решаваме како македонска држава.Чекајте сега, ако ние имаме 50 отворени точки со Албанците што треба да ги решаваме, што е сега Охридскиот рамковен договор? Јас ќе ве потсетам, ако до пред две години некој политичар во Македонија кажеше јас не го признавам ОРД, на него “ќе му се ставеше крст“ и од меѓународната јавност и од македонската јавност. Ние сега, со платформата имаме уништување на Охридскиот рамковен договр. Според мене, ако треба за нешто да се дискутира, и за кое имаат повеќе легитимитет Албанците,  е да седнат и да речат сакаме да направиме ревизија на тоа што му фали на исполнување на ОРМ. Тоа е легитимно прашање и го разгледуваме ОРМ, ова е проблем, ова не е проблем итн… Меѓутоа вие ако го погледнете, ОРМ е ад акта ставен после овој документ, вели Георгиевски.

Тој потенцира дека очигледно сето тоа што е опфатено во Рамковниот договор сега е малку за Албанците.

– Втора работа, во разговорите со странците и претпоставувам сето тоа негде е запишано, јас отворено ги прашав дали ова е последниот договор, последните барања што Албанците ги имаат, вели Георгиевски и додава дека добил одговор “да тоа е последниот договор, после ова имаме мир и спокој на мултиетнички однос“.

– Значи сега некој вели, ова пу пу не важи. Ние сега треба да ја прашаме меѓународната заедница дали Охридскиот договор е мртов договор, нека ни кажат. Ова не е работа за која се молчи, смета Георгиевски.

Според него, некои членови од платформата се суштински, како двојазичноста. Георгиевски додава дека барањето Албанците да се конститутивен народ значи буквално федерација на државата.

– Таму има едно барање кое многу малку се експлоатираше во македонската јавност, бараат албанскиот народ да биде конститутивен народ и после ќе објаснуваат дека тоа не е барање за федерација. Тоа е буквално, конститутивен народ е буквално федерација, а ако ги додадете претходните членови од ОРМ, ако ја додадете двојазичноста, тоа е де факто,заклучи Георгиевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top