Фенербахче и во вториот натпревар сезонава славеше над актуелниот европски првак ЦСКА Москва, овојпат на домашен терен со резултат 77-71, одмаздувајќи му се на рускиот гигант за поразот во последното евролигашко финале. Перо Антиќ и неговите соиграчи беа подготвени за предизвикот и знаеја како да го искористат отсуството на Милош Теодосиќ од таборот на гостинскиот тим. По израмнетото прво полувреме кое заврши со минимална предност на гостите од 36-40, турскиот шампион конечно заигра квалитетна одбрана во третиот период од овој дерби дуел. Во овој дел од мечот, во кој и Антиќ се наоѓаше на теренот за Фенер, „сино-жолтите“ создадоа и двоцифрена предност, трасирајќи си го патот до победата. ЦСКА до крајот успеа да дојде само до „минус четири“, па избраниците на Итудис со наведнати глави ја напуштија арената во Истанбул.
Антиќ во клучните моменти од средбата одигра одлично и го заврши мечот со девет поени, пет скока и една украдена топка. Најефикасни кај Фенербахче во четвртата победа во низа беа Удох, кој оствари дабл-дабл од 15 поени и 12 скока, и Богдановиќ со 12 поени и осум асистенции. Прв стрелец на ЦСКА Москва при шестиот пораз на европскиот шампион сезонава во Евролигата беше Нандо де Коло со 23 постигнати поени.
Во останатите средби од Евролигата одиграни синоќа, Олимпијакос славеше на гостувањето кај Уникс Казан со 90-75, Жалгирис ја совлада Барселона во крајно интересен дуел со четири разлика (89-85), Бамберг го декласираше грогираниот Макаби (90-75), а Фенерџијата Милано направи изненадување и по негативата од 17 коша стигна до победа над Дарушафака од 89-87.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.