| четврток, 6 декември 2018 |

Фатени крадците на ѕвоната од манастирот „Св.Пантелејмон“

Расветлен е случајот со украдените црковни ѕвона од манастирскиот комплекс „Свети Пантелејмон“ во селото Пантелеј, Кочанско, тешки од по 70 килограми и стари околу 150 години. Полицијата ги фати крадците. Станува збор за три лица од Кочани, од кои двајца се малолетни.

Предметите што ги украле, искршени во парчиња во два наврати биле однесени во отпад во Кочани и ги продале за цена од околу 8.000 денари, изјави  Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.

Ова не е прв настан на кражба во манастири во Кочани. Вакви кражби се случуваат речиси секој месец и со тоа повеќе се прави штета на црковните објекти. Слична ваква кражба последна се случи во манастирот „Св. Петка“ во Кочански дол кога беше разбиена влезната врата на манастирот и беа украдени предмети од кујната и казаните за готвење храна. Затоа свештениците апелираат да не се сквернават храмовите и да се роди кај луѓето страв од Бога.

Според евиденцијата во манастирската архива, ѕвоната што се украдени се стари 150 години и датираат од далечната 1871 година кога, всушност, е и градена црквата посветена на свети Пантелејмон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top