Струмичанката Фимка Гогова-Михајлова, првата комшика на Вангелија Пандева Димитрова Гуштерова, баба Ванѓа, тврди дека веќе 20 години секоја вечер ја сонува баба Ванѓа и дека се што ќе ѝ каже во сонот, се остварува.
Фимка Гогова-Михајлова е родена на 23 февруари 1942 година во Струмица, само два месеци пред славната пророчица Баба Ванѓа да го напушти градот и да замине за Бугарија. Пријателството меѓу сосетките започнало во 60-тите години на минатиот век и продолжува сѐ до смртта на Ванѓа во 1996 г., беше речено на промоцијата на „Сведоштвата за Ванѓа“ во Центарот за култура во Струмица.
–„Јас сум родена двор до двор до куќата на тетка Ванѓа. Двете со мајка ми беа една генерација, врснички. Како дете многу сум слушала за неа од мајка ми. За прв пат ја видов во 1962 година. Во 1970 година дојдов во Петрич, кога почина мажот ѝ Димитар. Бевме многу блиски, взаемно си ги раскажувавме соништата, си ги изговаравме мислите на глас. Последен пат се видовме во мај 1996 година, пред да почине. Дојдов на Рупите со баница, затоа што таа така ми беше порачала. Тетка Ванѓа беше вегетаријанка, сакаше посни манџи – полнети пиперки, сарми. Сакае слатко, смокви, јагоди, разни плодови“, раскажува Гогова-Михајлова.
Таа тврди дека продолжува да општи со неа и откако баба Ванѓа си заминала од овој свет.
„Дваесет години ја сонувам. Соништата ги опишав во книгата „Роднини и судбини“. Водиме разговори со неа. Таа ми вели: `Тоа не се, Фимке, соништа, тоа се визии`. Сѐ што ми кажала насоне, тоа се случило.“
Фимка Гогова-Михајлова ја издава својата прва книга за Ванѓа „Ванѓа и јас“ во 2014 година, со којашто постигнува голем успех во Македонија. На 11 август во домот на културата во Струмица беше промоцијата на нејзината нова книга „Сведоштва за Ванѓа“, точно 20 години од смртта на пророчицата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.