| четврток, 6 декември 2018 |

Дали ставот на американската амбасада е став на администрацијата на Трамп?

Американската амбасада со вчерашниот повик до партиите повторно отворено се меша во внатрешните работи во земјава, наметнувајќи го својот гувернаторски однос и влијание. Вчера амбасадата јавно соопшти дека ги повикува партиите да ги продолжат разговорите за влада, па се поставува прашањето дали во амбасадата сметаат дека партиите го чекаа ова соопштение како знак од скопското Кале за да продолжат таквите разговори?

Со оваа порака амбасадата всушност сака да укаже дека не треба да има нови предвремени избори и дека мора партиите да договорат состав на влада, со овој распоред на пратеници и со овој распоред на силите. Оттука, зошто амбасадата настојува со овој состав на парламентот да се формира нова влада, а да нема можеби предвремени избори? Дали е работа на амбасадорот на САД да кажува што треба да направат партиите во Македонија и дали е тоа вообичаено и американскиот амбасадор го прави секаде?

Од амбасадата посочија дека „го набљудуваат процесот на формирање влада и ги повикуваат партиите да продолжат со разговорите за формирање нова влада“. Очекуваме, велат, да работиме со македонската влада кога ќе се формира, за напредување во евроатланската интеграција преку спроведување на реформите предвидени со Договорот од Пржино, особено во однос на владеење на правото.

vmro-dpmne-360x200

„Со оглед на дискусиите во јавноста што ги отвори овој став на Амбасадата, ВМРО-ДПМНЕ бара појаснување дали нивната позиција значи дека САД сугерираат и бараат од Република Македонија и од партиите во парламентот да нема нови предвремени парламентарни избори и дали овој повик може да се толкува како официјален став на новата администрација во САД, партиите со постоечкиот распоред на силите од последните избори да состават нова влада? Ова прашање го поставуваме јавно бидејќи ставот на Амбасадата беше изнесен јавно и создаде конфузија при неговата интерпретација во јавноста, па би било добро и појаснувањето да е јавно“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата точно го прецизираше прашањето дали амбасадата за ваква јавна насока има добиено инструкција од Вашингтон или е нејзин став?  Дали инструкцијата е од политичко ниво? Дали воопшто е тоа нејзина работа?  Новиот претседател на САД јасно порача дека нема да се меша во внатрешните работи на земјите. Дали со ова амбасадата не прави чекор спротивен на политиката на новиот американски претседател?

senator-bejli640

Ваквите прашања се легитимни, ако се има предвид последните настапи на американски политичари, како сенаторот Мајк Ли, кој што лично го повика амбасадорот во Скопје, Џес Бејли да даде објаснување за состојбите во Македонија.

Републиканскиот американски сенатор Мајк Ли преку Твитер го повика Бејли да даде објаснување за состојбите, истовремено споделувајќи ја и колумната „Македонија и САД мораат да ги победат своите непријатели – нека се започне со Сорос“ објавена во „Дејли колер“. Сенаторот оцени дека разни невладини организации притискаат за контроверзни агенди во странски држави, дека американскиот амбасадор Џес Бејли треба да даде објаснување и одговори за сето тоа.

Screenshot

Главниот идеолог на Републиканците, Њут Гингрич, во своето обраќање пред „Херитиџ“ фондацијата, водечката конзервативна организација во САД, Гингрич имаше силни зборови против меѓународната империја на Џорџ Сорос. Гингрич истакна дека успехот на Трамп е резултат на “непријателството на левите фашисти”, финансирани од Сорос и “пропагандните медиуми” за да создадат земја која е неприфатлива за мнозинството Америкаци.

Оттука, ќе објаснат ли од американската амбасада и од тимот на Џес Бејли, што сакаше да постигне со вчерашното соопштение?Јасно е дека постојат две опции, да продолжат разговорите за формирање на влада или наместо тоа да има предвремени избори. Американскиот амбасадор го кажа својот став. Но дали е тоа став и на Доналд Трамп?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top