| четврток, 6 декември 2018 |

Инцидент во патнички авион, двајца приведени

boingПакистански патнички авион, во кој се случи засега неразјаснет инцидент, денеска во британскиот воздушен простор беше принудно свртен од летот кон Манчестер и воени авиони го спроведоа до аеродромот близу Лондон, соопштија властите, додавајќи дека по слетувањето уапсени се двајца патници.

„Полицијата влезе во авионот, уапси две лица поради сомнение дека ја загрозила безбедноста на леталото и ги изведоа од авионот“, се наведува во соопштението од полицијата во Есекс.

Авионот „Боинг 777“ на компанијата Пакистан интернешнл ерлајнз, со 297 патници и 11 членови на екипажот, леташе од пакистанскиот град Лахоре за Манчестер, но беше отстранет од таа рута и слета на аеродромот во Стенстед, еден од најмалку прометните аеродроми во Велика Британија, кој најчесто се користи за решавање на безбедносни проблеми.

– Авионот беше задржан во изолираниот дел на аеродромот, соопшти претставник на аеродромските власти и додаде дека останатиот дел од аеродромот функционирал нормално.

На пистата упатени се 10 противпожарни возила.

Британското Министерство за одбрана соопшти дека во тек е истрага по повод инцидентот кој се случи во британскиот воздушен простор и оти наскоро ќе бидат соопштени деталите од истрагата.

Безбедносите сили наведоа дека се уште не е утврдено дали авионот бил цел на терористички напад.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top