| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски: Очекувам поддршка од Грција

nikola popovski1

-За Балканот нема друга веродостојна и оддржлива алтернатива, освен целосна европска интеграција. Република Македонија во континуитет ги исполнува сите Копенхашки критериуми за почеток на пристапните преговори со ЕУ, како што потврди и Европската комисија во Пролетниот Извештај. Очекуваме поддршка од сите земји членки, вклучително и од Грција како најстара членка на ЕУ од нашиот регион и деклариран пријател на проширувањето, за Европскиот совет во јуни да ги донесе заслужените позитивни одлуки и заклучоци за Македонија – рече министерот за надворешни работи, Никола Попоски, на денешната конференција во Даблин, „10 години по Солун: оценка на ЕУ перспективата и предизвиците во Западен Балкан“.

Конференцијата има за цел да ја одбележи десетгодишнината од донесувањето на Солунската Агенда за процесот на проширување на Европската унија со земјите од Балканот, да се оцени постигнатиот напредок, тековните предизвици и перспективите за успешно заокружување на овој процес. На собирот беа дискутирани промените во политиката на проширување на ЕУ генерално и кон Балканот, пост – Лисабонските предизвици – кризата на еврото, економската стабилизација, како и идните чекори во интеграцијата на земјите од Балканот во ЕУ.

nikola popovski

Учеството на конференцијата, министерот Попоски ги искористи за средби и разговори со домаќините – ирските министри за надворешни работи и за европски прашања Ејмон Гилмор и Лусинда Крејтон, како  и со комесарот Штефан Филе и министрите за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак и  на Хрватска, Весна Пусиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top