| четврток, 6 декември 2018 |

Без Пандев против Шведска и Норвешка, деби настапи за Давид Бабунски од Барселона

Селекторот на „А“ репрезентацијата на Македонија Чедомир Јаневски го објави списокот на играчи за двата контролни натпревари против Шведска на 3. јуни во Малме и против Норвешка на 11. јуни во Осло. На списокот го нема Горан Пандев поради повреда, а ќе дебитира екстра-талентираниот Давид Бабунски, член на младинскиот тим на Барселона.

Дарко Глишиќ, Давид Бабунски, Јасмин Мециновиќ, Кирче Ристовски и Марко Павловски се нови имиња во најдобрата македонска селекција. Поради повреда Горан Пандев не е во составот на Јаневски за двата гостински натпревари.

„Сметам дека играчите кои се повикани имаат квалитет да бидат дел од силните контролни натпревари во Малме и Осло. Ваквите натпревари ни се потребни фудбалерите да стекнат самодоверба. Во двете пресметки шанса за настап ќе добијат неколку нови фудбалери, ги следевме нивните настапи и сметам дека имаат потенцијал да бидат дел од најдобриот состав. Нашата најважна улога е да пратиме порака дека сите се активни членови на репрезентацијата. Во изминатиот период ја анализиравме играта и настапите на фудбалери кои настапуваат во различни клубови, на различни позиции, а имаат мотив и желба да играат за Македонија. На списокот на потенцијани репрезентативци се наоѓаат играчи кои навистина можат да помогнат.  За некои од нив е потребно да се запазат одредени административни процедури, но гледаме позитивно. Се наоѓаме во период кога завршуваат националните првенства. Фудбалерите се можеби физички и психолошки заморени, но така е за сите. Треба да се фокусираме на тимскиот дух, ако тоа го направиме, играчите на теренот ќе се соочат со предизвикот во секоја ситуација. Се надевам дека во Малме и Осло ќе го претставиме македонскиот фудбал на вистински начин“, изјави селекторот на нашата репрезентација, Чедомир Јаневски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top