| четврток, 6 декември 2018 |

„Кога денот немаше име“ не е филм за немилите настани на Смиљковско Езеро

Должни сме, исто така, да дадеме кусо појаснување за јавноста за некои шпекулации што се јавија веднаш по објавувањето на веста за учеството на Берлинскиот филмски фестивал, велат од Продукцијата „Митевски“

Македонско-словенечката-белгиска копродукција, филмот „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска својата премиера како дел од програмата „Панорама“ ќе ја има во февруари на престижниот Берлински филмски фестивал, еден од најголемите филмски фестивали во светот. Визуелниот материјал за филмот „Кога денот немаше име”, односно постерот го изработи Климент Коробар. 

Презентацијата на филмот на Берлинскиот филмски фестивал и активностите започнуваат уште оваа недела од 2 февруари, кога во 14.15 часот во киното „Синемакс 8“ на „Постдамер плац“ ќе се одржи првата проекција за новинари. Потоа следуваат осум проекции.

На 14 фебруари филмот во 11.30 часот ќе ја има и втората проекција за новинари, по која во 13 часот екипата има фотосесија, а во 13.15 часот прес-конференција. 

Должни сме, исто така, да дадеме кусо појаснување за јавноста околу некои шпекулации што се јавија веднаш по објавувањето на веста за учеството на Берлинскиот филмски фестивал – велат од продукцијата „Митевски“.

– Овој филм не е филм за немилите настани на Смиљковско Езеро, иако тоа е директната провокација и инспирација за приказната. Потенцираме дека ниту се обидовме да ги реконструираме вистинските настани, ниту да ги портретираме вистинските ликови, ниту, пак, се обидовме да понудиме сопствена верзија со која би разоткриле што се случувало тој ден. Измисливме имиња, измисливме семејни истории, измисливме филмска сторија и ни најмалку не се обидовме да си играме МВР или судски истражители – велат од продукцијата „Митевски“.

Режисерката Митевска Стругар вели дека била емотивно погодена од смртта на четирите млади момчиња, преплашена од леснотијата на злочинот.

– Се обидов да ги замислам последните 24 часа од животот на некои млади луѓе кои никако не би можеле да претпостават таков ненадеен крај. Се обидов да ја прикажам комплексноста на нашето општествено опкружување, религиозните и етнички тензии, културолошките тенденции, нарушениот систем на вредности, но сето тоа преку измислени ликови. Ова е приказна за група млади луѓе што се обидуваат да се пронајдат себеси, да го пронајдат својот пат. Филмските ликови на младите момчиња се замислени како да се од било каде, Франција или Америка, млади луѓе на што не им се дава шанса да бидат среќни, да ги развијат своите амбиции, да ги остварат своите соништа. Ова не е фактографска, документаристичка приказна за конкретните момчиња чии млади животи, секако неправедно и несреќно згаснаа под неразјаснети околности, кои и по судската пресуда сѐ уште предизвикуваат недоумици и дилеми за што точно и како точно се случило. Овој филм не нуди одговори на овие прашања. Ова е уметничка визија, фикција, измислена и инспирирана од трагичниот факт дека насилството е присутно, сурово, безмилосно, неоправдано и неоправдливо – вели режисерката.

Таа не верува во насилство, напротив му се противи и реагира против него.

– Верувам во толеранција, разбирање, почит, еднаквост и правдина и овие вредности се обидувам да ги пренесам во своите филмови – завршува Стругар Митевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top