Најстудено изутринава било во Битола и Берово каде се измерени -18 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во Тетово се измерени – 15 степени, во Куманово – 14, во Скопје на Зајчев Рид и во Демир Капија – 13, во Струмица и Штип – 12, во Прилеп и Маврово – 11, во Крива Паланка – 10, во Лазарополе, Виница, Тополчани и во Претор -8, во Гевгелија – 7, во Дојран, Ѓуриште, Пожаране, Дебар и Охрид – 6 и во Крушево – 5 степени.
Најмногу снег и натаму има во Маврово 67 сантиметри, во Пожаране и Ѓуриште 46, во Лазарополе 45, во Крушево 29, во Битола 25, во Берово и Тетово 24, во Демир Капија 18 и во Скопје 16 сантиметри.
Во текот на изминатата ноќ како и утринава насекаде во земјава преовладува ведро и многу студено време, особено во источните делови и по котлините. Во Битола е многу студено со магла и ниска облачност, а во останатите котлини има слаба магла. Дува слаб ветер претежно од северен правец и повеќе е изразен на повисоките места и планините.
Времето денеска ќе биде сончево со мала локална облачност и со слаб ветер од југоисточен правец. Претпладне со појава на магла во котлините. Највисоката температура на воздухот ќе се движи во интервалот од -2 до 6 степени.
Во Скопје во текот на денот ќе биде сончево со мала облачност и со слаб југоисточен ветер. Највисоката температура ќе достигне до околу 1 степен.
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне ќе има зголемување на облачноста и услови за провејување на слаб снег, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта, како и во понеделник претпладнето.
Ова зголемување на облачноста ќе услови покачување на утринските температури, а и дневните ќе имаат тенденција на благ пораст, соопшти УХМР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.