| четврток, 6 декември 2018 |

Молебен на гробот на свети Кирил во Рим

250px-Interior_of_San_Clemente_Rome    1„Македонија во чест на Свети Кирил“ продолжува во Рим. Денеска ќе се одржи молебенот на гробот на свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“, а со службата ќе чиноначалствува митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар. Потоа македонската делагација ќе биде примена од папата Франциско. Претседателот на Собранието Вељаноски и собраниската делегација ќе се сретнат со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Тарчисио Бертоне.

Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 Мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација. Традиционално, 24 Мај беше Ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Република Македонија.

– Република Македонија и годинава ја продолжува традицијата на чествувањето на сесловенските просветители Кирил и Методиј во Рим, славните рамноапостоли проповедници на Христовата наука, просветители, учители, преведувачи на Светото писмо и други свети книги на јазикот на нашите прадедовци, посочи Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во Рим на отворањето на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.

– Република Македонија е позната по верската толеранција и почитувањето на различностите. Како дел од манифестацијата, вечерва уште еднаш ќе покажеме дека преку културното творештво даваме придонес во европската и светската култура и културно наследство, рече претседателот на Собранието.  Преку културата, истакна тој, работиме на зачувување на културниот и националниот идентитет на другите етнички заедници кои живеат во Република Македонија.

Годинава се одбележуваат 1144. години од смртта на сесловенскиот просветител Свети Кирил.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top