Македонската филхармонија на 2 февруари во Домот на АРМ ќе одржи симфониски концерт „Поезија и драма“, кој ќе биде посветен на прерано починатиот диригент Саша Николовски – Ѓумар (1966-2017), еден од најистакнатите македонски музички уметници.
Концертот, како што информира Македонската филхармонија, ќе донесе комплексна музика и врвна изведба. Под диригентската палка на маестро Емил Табаков од Бугарија, оркестарот ќе ги изведе uвертирата од операта „Танхојзер“ и pрелудиум и смрт од „Тристан и Изолда“ од германскиот композитор Рихард Вагнер.
Солист на концертот ќе биде еден од најистакнатите млади македонски пијанисти Дино Имери, кој ќе ги изведе познатите „Фантазија на унгарски фолклорни теми“ и „Танц на смртта“, од унгарскиот пијанист и композитор Франц Лист.
Дино Имери (1990) се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова и проф. Борис Романов, во чијашто класа и дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје со Cum Laude, како и со проф. Симон Трпчески, во чијашто класа магистрира на само 22-годишна возраст со просек 10 и со почести Cum Laude.
Во својата досегашна дејност, Имери остварил многубројни настапи во Македонија, но и во странство: Загреб, со Стразбуршкиот филхармониски оркестар, со Софискиот филхармониски оркестар, на фестивали во Цавтат, Франција, Приштина, Австрија… Дино Имери е вбројан во 10 најдобри европски пијанисти според ранг-листата на Третиот европски натпревар по пијано одржан во Нормандија, Франција, а еднакво успешен во својата родна земја. Во 2013 година се здобива со највисокото домашно признание за класична музика – наградата „Виртуози“ во категоријата „Млад музички уметник“. Во 2015 година го добива признанието „Лауреат на фондацијата Томислав Зографски“, доделена од истоимената фондација за промоција на македонските композитори во земјата и во странство.
Во 2010 година, Дино Имери потпиша двегодишен договор со Европската програма за пијано – проект што му ги отвори интернационалните сцени во Франција, Австрија, Полска… Во 2013 година го издаде своето прво ДВД-издание со музика од Хајдн, Бетовен, Лист и Брамс, во соработка со „Фејмс“ оркестарот за снимање филмска музика. Во 2015 година бележи големи меѓународни успеси, меѓу кои и неговото деби со Софискиот филхармониски оркестар што резултира со покана за настап повторно со истиот оркестар истата година. Во 2015 година Имери првпат настапува со Македонската опера и балет во балетската претстава „Огнени градини“ под диригентство на Јозеп Вицент и Бисера Чадловска, а во кореографија на Џејмс Амар. Редовно одржува рецитали, а е активен и во камерната музика настапувајќи со разновидни камерни ансамбли.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Концертот „Souvenir de Florence“ в сабота во Македонската филхармонија
-
Македонската филхармонија на турнеја во Шпанија
-
Бетовеновата „Деветта“ на сцената на Македонската филхармонија под диригенство на Густав Кун
-
Ѓорѓи Цинциевски, контрабасист: Македонија ја има најдобрата концертна сала на целиот Балкан