Како по одамна добро утврден калап се нанижаа и годинашните номинации за наградите на Американската академија за филмски уметности и науки. Американски патриот, биографија на историска личност од САД, сага или две за животот на Афроамериканците, воспевање на Холивуд, се само дел од состојките на рецептот наречен успешен „Оскар“.
Годинава по 89. пат филмската елита ќе се собере на едно место, а тоа што ќе се случува пред и во театарот „Долби“ во Лос Анџелес ќе го следат најмалку 35 милиони гледачи во 200 држави.
Апсолутната доминација на „Ла Ла Ленд“ на „Златен глобус“ се очекува да продолжи и на 26 февруари, имајќи ги предвид четиринаесетте номинации, кои филмот го изедначуваат со номинациите за „Титаник“ и за „Сѐ за Ева“.
ФХ3Х годинава без номинација
Филмовите на кои македонската компанија за анимација и за визуелни ефекти ФХ3Х работеше во 2016 година не се меѓу номинираните за најдобри визуелни ефекти. Ова е првпат по неколку години на успеси, кога компанијата учествуваше во креирање на визуелните ефекти во неколку номинирани и наградени филмски остварувања.
Годинава компанијата работеше на осум од 20 филмови што влегоа во најтесниот круг, но ниеден од нив не е меѓу петте номинирани.
Сопствениците на ФХ3Х, Миливоје Ѓорѓевиќ и Кристијан Даниловски, изјавија дека се горди на својот тим и дека пред нив е година со неколку големи проекти.
Kaко се избираат номинациите за „Оскар“?
Процесот на гласање што одредува кои филмови и филмски работници ќе бидат номинирани е долг и компликуван потфат што вклучува околу 6.000 членови со право на глас, сите реномирани и долгогодишни припадници на филмскиот бизнис. На пример, продуцентите и режисерите треба да имаат барем два наградувани филма, а актерите што се членови, барем три главни улоги во својата кариера.
За да се стигне до стотиците филмови, актери, актерки, режисери, сниматели, сниматели, композитори и слично, кои се сметаат за подобни и за прифатливи за номинација, пак, се поминува низ строга процедура регулирана со посебни упатства, создадени низ историјата на Академијата за филмски уметности и науки.
Продуцентите или дистрибутерите се тие што ги нудат своите филмови во Академијата. За тоа мора да поднесат доказ дека филмот ги исполнува критериумите, на пример дека филмот мора да е подолг од 40 минути, дека бил јавно прикажан во барем една од одбраните киносали, дека се прикажувал минимум седум дена по ред и слично. Филмовите што својата премиера ја имале на телевизија или на интернет, автоматски се неподобни за номинација.
Потоа секој член ги издвојува своите пет фаворити, а тимот на „Прајсватерхаус куперс“ ги прегледува резултатите. Компанијата е задолжена за „Оскар“ веќе осум децении
Изненадувања
Иако беше дел од два огромни хита на филмските фестивали и награди, улогите во „Доаѓање“ и во „Ноќни животни“ не ѝ донесоа номинација на Ејми Адамс. Актерката беше номинирана во последните пет години, но критичарите ја издвоија токму 2016 година, како година кога Адамс го прикажа најдоброто од себе.
„Тишина“ („Silence“), филмот на кој миленикот на Академијата Мартин Скорсезе посвети цели десет години, не наиде на одушевување меѓу гласачите и не освои ни една номинација.
Од друга страна, еден од најомразените хоивудџии во последните години, „расистот, пијаница и тепач“ Мел Гибсон, се бори за најдобар режисер со неговото последно остварување „Гребенот на спасените“, филм обожуван и од критиката и од публиката.
„Одредот на отпишаните“, пак, ги престигна многу поподготвените филмови и сега може да се пофали со номинација, и тоа во категоријата за најдобра шминка.
Дваесетта номинација за Мерил Стрип
Улогата на неталентирана њујоршка богаташка, која и покрај тоа што не знае да пее станува оперска пејачка, ѝ ја донесе на Мерил Стрип 20. номинација во трката до најпрестижните филмски награди. Со „Флоренс Фостер Џенкинс“, актерката ја брка четвртата статуетка.
Покрај четирите номинации за споредна женска улога, ова е 16. номинација за главна женска улога за Стрип, која уште одамна го освои рекордот во освоени номинации, оставајќи ги зад себе Кетрин Хепберн и Џек Николсон, кои имаат по 12 номинации, како и Бет Дејвис и Лоренс Оливие, кои имаат по 10.
„Златна малинка 2017 година“
Еден ден пред „Оскар“, дел од актерите мора да се соочат и со признанието од „Златна малинка“. Годинава лидери меѓу номинираните за најлоши филмски остварувања се „Зулендер 2“ и „Бетмен против Супермен: Зора на правдата“.
Традиционално, меѓу номинираните се актери што веќе освоиле „Оскар“, но се покажале катастрофално во други филмски проекти. Така, покрај Бен Афлек, „Златна малинка“ може да добие и Џулија Робертс, а меѓу номинираните се и имиња како Роберт де Ниро, Наоми Вотс, Џони Деп, Николас Кејџ, Џаред Лето…
„Оскар“ низ бројки
Најкраткиот говор на добитник на златната статуетка бил тој од само два збора на Пети Дјук, кога актерката за својот „Оскар“ за споредна улога во 1963 година рекла само „Ви благодарам“.
По 11 номинации добија „Пресвртна точка“ во 1977 година и „Бојата на пурпурот“ во 1985 година, но и двата филма останаа без ниедна награда.
Волт Дизни го држи рекордот на најмногу награди освоени од маж, собирајќи дури 20 статуетки низ годините. Тој, исто така, е човекот со најмногу номинации воопшто, точно 59.
Виктор Јанг е Мерил Стрип меѓу композиторите. Тој за својата работа бил номиниран 21 пат, пред, конечно, таа последна година и номинација да му биде добитна.
Костимографката Едит Хед го држи приматот на најмногу освоени статуетки кај жените, собирајќи осум награди.
Најдолгиот филм што бил прогласен за најдобар е „Одвеано од виорот“ со 238 минути.
Сите номинации:
Најдобар филм
„Доаѓање“ („Arrival“)
„Огради“ („Fences“)
„Гребенот на спасените“ („Hacksaw Ridge“)
„По секоја цена“ („Hell or High Water“)
„Скриени фигури“ („Hidden Figures“)
„Ла Ла Ленд“ („La La Land“)
„Лав“ („Lion“)
„Манчестер покрај море“ („Manchester By the Sea“)
„Месечева светлина“ („Moonlight“)
Најдобра изведба на машка главна улога
Кејси Афлек („Манчестер покрај море“)
Ендру Гарфилд („Гребенот на спасените“)
Рајан Гослинг („Ла Ла Ленд“)
Виго Мортенсен („Капетан Фантастик“)
Дензел Вашингтон („Огради“)
Најдобра изведба на женска главна улога
Изабел Ипер („Таа“)
Рут Нега („Лавинг“)
Ема Стоун („Ла Ла Ленд“)
Натали Портман („Џеки“)
Мерил Стрип („Флоренс Фостер Џенкинс“)
Најдобра изведба на машка споредна улога
Махершала Али („Месечева светлина“)
Џеф Бриџис („По секоја цена“)
Лукас Хеџис („Манчестер покрај море“)
Дев Пател („Лав“)
Мајкл Шенон („Ноќни животни“)
Најдобра изведба на женска споредна улога
Виола Дејвис („Огради“)
Наоми Харис („Месечева светлина“)
Никол Кидман („Лав“)
Октавија Спенсер („Скриени фигури“)
Мишел Вилијамс („Манчестер покрај море“)
Најдобра режија
Дени Вилнев („Доаѓање“)
Кенет Лонерган („Манчестер покрај море“)
Мел Гибсон („Гребенот на спасените“)
Бери Џенкинс („Месечева светлина“)
Дејмиен Чазел („Ла Ла Ленд“)
Најдобро оригинално сценарио
Тејлор Шеридан („По секоја цена“)
Дејмиен Чазел („Ла Ла Ленд“)
Јоргос Лантимос и Ефтимис Филипо („Јастогот“)
Кенет Лонерган („Манчестер покрај море“)
Мајк Мајлс („Жените на 20 век“)
Најдобра адаптација
Ерик Хајзерер („Доаѓање“)
Огуст Вилсон („Огради“)
Алисон Шредер („Скриени фигури“)
Лука Дејвис („Лав“)
Бери Џенкинс („Месечева светлина“)
Најдобар долг анимиран филм
„Кубо и двете жици“ („Kubo and the Two Strings“)
„Црвената желка“ („The Red Turtle“)
„Моана“ („Moana“)
„Зоотропола“(„Zootopia“)
„Мојот живот како тиквичка“ („My Life as a Zucchini“)
Најдобар странски филм
„Човек по име Уве“ („En man som heter“ – Шведска)
„Тони Ердман“ („Toni Erdmann“ – Германија)
„Земја на мини“ („Under sandet“ – Данска)
„Продавачот“ („Forushande“ – Иран)
„Тана“ („Tanna“ – Австралија)
Најдобар директор на фотографија
Бредфорд Јанг („Доаѓање“)
Лајнус Сандгрен („Ла Ла Ленд“)
Грег Фрејзер („Лав“)
Џејмс Лакстон („Месечева светлина“)
Родриго Прието („Тишина“)
Најдобра монтажа
Џо Вокер („Доаѓање“)
Џон Гилберт („Гребенот на спасените“)
Џејк Робертс („По секоја цена“)
Том Крос („Ла Ла Ленд“)
Џои Мекмилион, Нат Сандерс („Месечева светлина“)
Најдобра сценографија
Патрис Вермет, Пол Хот („Доаѓање“)
Стујард Крег, Ана Пинок („Фантастични ѕверови и каде да се најдат“)
Џес Гонхор, Ненси Хај („Аве Цезар“)
Сенди Рејнолдс-Васко, Дејвид Васко („Ла Ла Ленд“)
Гај Хендрикс Дијас, Џин Сердина („Патници“)
Најдобра костимографија
Џоана Џонстон („Сојузници“)
Колин Атвуд („Фантастични ѕверови и каде да се најдат“)
Консолата Бојл („Флоренс Фостер Џенкинс“)
Медлин Фонтејн („Џеки“)
Мери Зофрес („Ла Ла Ленд“)
Најдобра фризура и шминка
Ева фон Бар, Лов Ларсон („Човек по име Уве“)
Џоел Харлоу, Ричард Алонзо („Ѕвездени патеки“)
Алесандро Бертолази, Џоро Грегорини, Кристофер Ален Нелсон („Одред на отпишаните“)
Најдобра оригинална филмска музика
Мица Леви („Џеки“)
Џастин Хорвиц („Ла Ла Ленд“)
Николас Брител („Месечева светлина“)
Томас Њуман („Патници“)
Дастин О’Халоран, Волкер Бертлмен („Лав“)
Најдобра оригинална песна
„Audition (The Fools Who Dream)“ („Ла Ла Ленд“)
„Can’t Stop the Feeling!“ („Тролови“)
„City of Stars“ („Ла Ла Ленд“)
„The Empty Chair“ („Џим: Приказната за Џемс Фоли“)
„How Far I’ll Go“ („Moaнa“)
Најдобро миксирање звук
Бернар Гариепи Стробл („Доаѓање“)
Дејвид Паркер („Роуг 1: Приказна од Војна на ѕвездите“)
Кевин О’Конел („По секоја цена“)
Енди Нелсон („Ла Ла Ленд“)
Грег П. Расел („13 часа“)
Најдобро уредување звук
Силве Белмар („Доаѓање“)
Ај-Линг Ли („Ла Ла Ленд“)
Вајли Стејтман („Дипвотер хорајзон“)
Алан Роберт Мури („Сали“)
Роберт Мекензи („Гребенот на спасените“)
Најдобри визуелни ефекти
Крег Хемак („Дипвотер хорајзон“)
Стефани Серети (Доктор Стрејнџ“)
Роберт Легато („Книга за џунглата“)
Стив Емерсон („Кубо и двете жици“)
Џон Нол („Роуг 1: Приказна од Војна на ѕвездите“)
Најдобар документарен филм
„Пожар на море“ („Fire at Sea“)
„О Џеј: Произведено во Америка“ („O.J.: Made in America“)
„Не сум вашиот Црнец“ („I Am Not Your Negro“)
„Тринаесеттиот амандман“ („13th“)
„Анимиран живот“ („Life, Animated“)
Најдобар краток документарен филм
„Екстремис“ („Extremis“)
„Ватани: Мојата татковина“ („Watani: My Homeland“)
„4,1 милји“ („ 4.1 Miles“)
„Белите кациги“ („The White Helmets“)
„Виолината на Џо“ („ Joe’s Violin“)
Најдобар краток анимиран филм
„Слепата Вајш“ („Blind Vaysha“)
„Сок од круша и цигари“ („Pear Cider and Cigarettes“)
„Пајпер“ („Piper“)
„Бисер“ („Pearl“)
„Позајмено време“ („Borrowed Time“)
Најдобар краток метражен филм
„Внатрешни непријатели“ („Les ennemis intérieurs“)
„Временски код“ („Timecode“)
„Жените и ТГВ“ („La femme et le TGV“)
„Тивки ноќи“ („Silent Nights“)
„Сите“ („Mindenki“)
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 230. број на неделникот „Република“, 27.01.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.