Седум претседатели, еден премиер и еден министер за надворешни работи го потврдиле учеството на Самитот на шефови на држави и влади на земјите учеснички на ПСЈИЕ и на Форумот Дијалог меѓу цивилизациите, што под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов ќе се одржат на 1 и 2 јуни во Охрид и Струга.
Меѓу потврдените учесници, како што информираат од Кабинетот на Иванов, се претседателите на Хрватска Иво Јосиповиќ, на Србија Томислав Николиќ, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Бујар Нишани, на Романија Трајан Басеску, на Молдавија Николае Тимофти, претседавачот со Претседателството на Босна и Хецеговина Небојша Радмановиќ, бугарскиот премиер Марин Рајков и министерот за надворешни работи на Турција Ахмет Давутоглу. Се уште нема потврда за присуството на грчкиот претседател.
На самитот предвидено е и учество на специјални гости, меѓу кои претседавачот на Генералното Собрание на ООН, Вук Јеремиќ, комесарот за меѓународна соработка, хуманитарна помош и одговор на кризи од ЕУ, Кристалина Георгиева, специјалниот претставник на Генералниот секретар на ООН за намалување на ризици од кататрофи, Маргарета Волстром, специјалниот претставник на генералниот секретар на Советот на Европа Еладио Фернандез-Галиано, претседавачот со Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи, Даг Олаф Хогволд, специјалниот претставник на генералниот секретар на Меѓународната организација на Франкофонија Давид Бонгард, генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Горан Свилановиќ и голем број претставници на други меѓународни организации.
Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа тематски е посветен на намалувањето на ризици од катастрофи и адаптацијата кон климатските промени. Претседателот Иванов, како што истакнуваат од неговиот Кабинет, првпат поставува конкретна тема на која ќе дебатираат учесниците, а дебатата ќе започне со проекција од скопскиот земјотрес и прикажување на солидарноста за Скопје од целиот свет. Целта е да се развие свеста и да се поттикне соработката во однос на оваа тема, која треба да биде опфатена и од страна на следниот претседавач со ПСЈИЕ.
На Самитот, на кој ќе се обратат претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски, се предвидува усвојување на Охридската декларација на ПСЈИЕ и Заедничката изјава на шефовите на држави и влади на земјите учеснички на ПСЈИЕ „Солидарност во акција“ која се однесува на намалувањето на ризици од катастрофи и адаптацијата кон климатските промени.
Самитот, сметаат од претседателскиот Кабинет, ќе даде можност на лидерите од регионот заедно да најдат решенија за глобалните предизвици што влијаат на Југоисточна Европа. Настанот, велат, е одлична можност за промоција на Република Македонија и на нејзините капацитети да биде фактор на регионалната соработка.
Паралелно со овие настани ќе се одвива и Дамска програма, според која сопругите на шефовите на делегациите ќе учествуваат на Дијалогот за цивилизациите, а ќе ги разгледаат и знаменитостите на Охрид и Струга.
За двата самита, во Охрид и во Струга, ќе има обезбедување од прв степен. За гостите предвидено е традиционално македонско мени, како и подароци со македонски обележја. Ќе добијат сетови македонски производи, вина, македонска резба, филиграни, охридски бисери…
За следење на самитите акредитирани се околу 120 претставници на медиумите од земјата и од странство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.