| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот „Кога денот немаше име” на Берлинскиот филмски фестивал

Новиот македoнски филм “Кога денот немаше име” на Теона Стругар Митевска својата премиера ќе ја има на престижниот филмски фестивал во Берлин.

-Секогаш е огромна радоста за ваков голем успех, да се биде дел од еден од најголемите филмски фестивали во светот. Како автор секој го посакува ова, твојот филм да биде дел од овој фестивал, а тоа станува се потешко со се поголемата конкуренција на илјадници и илјадници филмови кои се пријавуваат. За да бидеш дел од Кан, Берлин или Венеција навистина треба да имаш добар филм и самото учество на еден од овие три фестивали е едно од врвните признанија. Сметам дека “Кога денот немаше име” е еден од најзрелите филмови на Теона. Таа со секој свој филм изненадува со својот уникатен авторски пристап и очекувам со овој филм да постигне најголем успех досега. Како продуцент горда сум што Македонија ќе има филм на Берлин и горда сум со нашата кинематографија што пополека, но сигурно зима свое место во светската кинематографија. После “Сиера Невада” во натпреварувачката селекција во Кан, “Ноќен Живот” кој беше лауерат во Карлови Вари, кои беа малцински копродукции, сега учеството во Берлин со нашиот филм за нас е како шлаг на најдобрата торта во светот! Последните две години со навистина многу возбудливи за нашата мала компанија. Постигнуваме огромни успеси и присутни сме на најголемите филмски фестивали и сакаме да напоменеме дека сме благодарни за довербата која ја добиваме од Агенцијата за филм и дека со оваа низа успеси сосема ја оправдуваме. Секогаш сме верувале дека филмот е уметност, секогаш сме се бореле за тоа и затоа соработуваме со вистински, бескомпромисни автори и со успесите кои ги носиме докажуваме дека ова е единстен и вистински начин да се оди напред, вели Лабина Митевска.

denot photo 1.1

Учеството на филмот „Кога денот немаше име“ во режија на Теона Стругар Митевака на Берлинскиот Филмски Фестивал, во програмата Панорама е од исклучителна важност за македонската кинематографија и претставува значаен успех за продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“.

-Поради тоа, големо задоволство ми е повторно да упатам честитки до оваа продуцентска куќа и до Лабина Митевска, кои во мината 2016 година го забележаа и своето учество на Канскиот филмски фестивал со малцинската копродукцијата, романскиот филм „Сиера Невада“ на Кристи Пиу, а и оваа 2017 година ја започнуваат со голем успех. Селекцијата во програмата на Берлинскиот фестивал е потврда за квалитетот на филмот и претставува одлична можност истиот да биде виден од релевантен филмски аудиториум, како и од голем број на љубителите на филмската уметност во Берлин. Филмот „Кога денот немаше име“ во режија на Теона Стругар Митевска, е македонски мнозински проект, кој е реализиран во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со копродуцентите Вертиго од Словенија и Ентре Шиен е Луп од Белгија, при што поддршката од страна на Агенцијата за филм на Македонија изнесува 30.000.000 денари, а покрај тоа, филмот  е финансиран и од страна на Еуримаж. Ја користам оваа можност да истакнам дека освен филмот на „Сестри и брат Митевски“, на Берлинскиот Фестивал ќе биде прикажана и малцинската копродукција „Реквием за Госпоѓа Ј“, во режија на Бојан Вулетиќ, каде што како ко-продуцент од македонска страна се јавува Скопје Филм Студио. Заложбите на Агенцијата за филм на Македоније се во насока на поттикнување и поддршка на македонските филмски автори за поврзување и соработка со нивните колеги од Европа и при тоа се обезбедува редовна и континуирана поддршка на мнозински и малцински копродукциски проекти. Македонија е една од првите земји во регионот која ги отвори вратите за реализација на меѓународни филмски копродукции. Со тоа на нашите продуценти им се овозможи да ги продлабочат своите професионални соработки со колегите од другите земји, а истовремено по пат на копродукции да обезбедат и дополнителни финансии за македонските мнозински филмски проекти. Во таа насока, оваа година за првпат по потпишувањето на билатералниот договор за соработка во филмската дејност помеѓу Македонија и Италија, беше распишан заеднички конкурс за развој на македонско-италијански проекти, на кој што беа поддржани 4 проекти.  Агенцијата за филм на Македонија и македонските филмски автори се постојано присутни на сите важни филмски случувања. Годинава ја започнавме со фестивалот во Трст, а она што ни претстои е партнерска соработка со Ротердам Филм Лаб, каде што учество ќе земат двајца продуценти од Македонија. Во текот на 2017 година македонскиот проект Мртва природа“ во режија на Владимир Митревски и во продукција на „Dream Factory“ е селектиран за учество на престижната работилницата ЕАВЕ, а во однос на едукацијата на филмски професионалци, оваа година Македонија и Агенцијата за филм ќе бидат домаќини на две значајни европски филмски работилници, Мидпоинт, која ќе се одржи во јуни во Охрид и Маја, која ќе се одржи за време на фестивалот Браќа Манаки, во септември во Битола. На крајот би сакала на продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“ да им посакам блескава премиера на Берлинскиот фестивал, која што се надеваме дека ќе биде само прв чекор во понатамошната дистрибуција и фестивалски успех на филмот „Кога денот немаше име“, Мими Ѓоргоска-Илиоска, директор на Анегцијата за филм.

 “Кога денот немаше име” ќе биде преставен во програмата Панорама Специјал. Својата премиера ќе ја има на 14 Јануари, во 19 часот во ZOO Palace киното при Берлинскиот филмски фестивал. Зоо Палас е кино салата која што порано беше главната сала на Берлинскиот филмски фестивал, а сега е сала каде што се случуваат дел од премиерите на селекциијата Панорама. Салата располага со 781 седиште. Филмот ќе биде прикажан вкупно 7 пати за време на Берлинскиот филмски фестивал, од кои два пати на Маркетот – затворени проекции само за филмските професионалци, кои бесплатно ни ги обезбеди самиот фестивал – и пет други проекции за публика каде тимот после секоја проекција ќе има сесија на прашања и одговори со публиката.

DENOT photo 4.4

На Берлинскиот филмски фестивал покрај режисерот Теона Стругар Митевска, продуцентот Лабина Митевска и сценаристот Елма Татарагиќ ќе присуствуваат и шесте млади главни актери во филмот: Леон Ристов, Ханис Багашов, Стефан Китановиќ, Игорчо Постолов, Драган Мишевски и Иван Вртев Шоптрајанов. Овие млади луѓе се гордоста на “Кога Денот немаше име”, шесторица млади натуршцици кои поминаа тежок кастинг, кој траеше повеќе од три месеци со над 400 млади луѓе пријавени за овие шест улоги, а потоа следеше интензивен период на подготовки и снимање од уште шест месеци. Сите они се првпат на филм и носат огромна енергија која буквално се прелева од платното.

Во останатите улоги покрај актерките Ратка Радмановиќ, Николина Кујача, Ана Костовска и Лабина Митевска за првпат на платно се појавуваат и трите Петрунија Киселички, Инес Ходич. Да потсетиме инаку дека овој филм е копродукција со Белгија, Entre Chien e Loup и Словенија, Vertigo, а е подржан и од Еуримаж фондот. “Кога денот немаше име” е снимен од француската кинематограферка Агнес Годар, сценограф е Вук Митевски, а костимите се на словенката Моника Лорбер.

Еден од најценетите публицисти Ричарт Лорманд со водушевување се нафати да биде публицист-прес агент на филмот. Тој е еден од водечките публицисти во светската кинематографија и соработува со најголемите режисерски имиња на денешнината како што се Клод Шаброл, Браќа Дарден, Михаел Ханеке, Лукреција Мартел, Урсула Маерс, Сокуров, Сколимовски, Том Тиквер, Алексеј Герман и уште многу други. Тој веќе две недели интензивно работи на подготовките на медиумската презентација на филмот за Берлин.

“Кога Денот Немаше Име” ќе биде преставуван од искусниот агент за продажба Sebastien Shecneau и неговата компанија CERCAMON. http://www.cercamon.biz/. Себастиан веќе 17 години работи како шеф на продажба во најголемите компании за продажба на филмови како REZO, а претходно и во Celluloid Dreams, за да пред четири години ја оформи својат фирма со која годишно преставува 6 до 8 избрани филма. Во директен контакт уште од Кан, Себастијан со нетрпение го очекуваше привршувањето на филмот и се радост го приклучи во својот пробран каталог за оваа година.

Овој филм ја раскажува приказната за шест тинејџери. Милан и неговиот најдобар пријател Петар подготвуваат авантуристичка екскурзија со своите другари некаде на периферијата на Скопје. Тие се возбудени од претстојната ноќ на пиење и лудување пред раноутринската риболовна експедиција. Тие се типични тинејџери, полни со сексуални и романтични тензии и возбуда, вознемирени и оптеретени со пари и материјални нешта. Понекогаш се ѓаволести, понекогаш и ангелски; гладни за да бидат возрасни, а сепак со детско однесување. Во дисфункционални односи со своите родители, во семејства нарушени од транзициските маки, тие се генерација која расте растргната од социјална несигурност и сомнителни вредности. Нивната ноќ на луда забава е одбележана со несреќна посета на тинејџерка проститутка и целосно е превртена со ненадеен конфликт …

Кога денот немаше име” е четврт долгометражен филм на Теона. Нејзиното првенче “Како убив светец” ја имаше својата премиера на Ротердамскиот Филмски фестивал, во селекцијата Тигар, и беше поддржан од Хуберт Балс Фондот. “Јас сум од Титов Велес”, беше преставен на Берлинскиот Филмски Фестивал и на Kанскиот филмски фестивал во селекцијата Ацид. Патуваше на 98 фестивали и беше продаден во 14 земји вклучувајќи ја и Америка. Доби 15 награди и е еден од најуспешните македонски филмови. “Жената која ги избриша своите солзи”, ја имаше својата премиера исто така на Берлинскиот филмски фестивал и патуваше на над 60 филмски фестивали низ светот.

“Кога денот немаше име” е трето учество на Теона на Берлинскиот филмски фестивал со долгометражен филм. Теона како автор беше откриена токму од Берлин со нејзиниот краткометражен филм “Вета” во 2002 година за кој доби и специјална награда и слободно може да се каже дека таа е автор кој расте со Берлинскиот фестивал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top