| четврток, 6 декември 2018 |

„Post Global Trio“ и самостојна изложба на Тони Димитров – Фратино утре во „Wonderlust“

Настап на проектот „Post Global Trio“ и самостојната изложба на Тони Димитров – Фратино, ќе се одржи во концентуалната продавница „Wonderlust“ (ул. Македонија), во четврток 26 јануари 2017 со почеток во 21 часот. 

Post Global Trio (LIVE)

Mузиката на Post Global Trio е сочинета од теренски снимки, суптилни делници и текстури, и незабележливи репетитивни ритми кои резонираат некаде помеѓу апстракцијата и наративниот тек, оставајќи ве без здив со својот звучен тек. Вметнатиот медитативен амбиент и теренските звуци ве носат низ имагинарни пејзажи, раскажувајќи приказна за чувствата и природата. Нивните настапи се искуство кое може да се почувствува на патување низ далечните територии на македонските планини каде се снимени користените теренски снимки, давајќи јасни слики на суптилните звучни пејзажи. Иако се стреми да биде конкретен до одреден степен, звукот на Post Global Trio сепак се раслојува во апстрактни слоеви, останувајќи мистерија која се ужива и без да се разбере во рамките на својата карактеристична категоризација и импулси. Наменето за уживателите на тишината, звукот на природата, звучните пејзажи, теренските снимки…

Post Global Trio е проект помеѓу Тони Димитров, Димитар Додовски и Мартин Георгиевски, настанат како континуитет на одредена комуникација, соработка и како нужност за развивање на одредена сцена. Нивното прво издание е достапно на издавачката етикета post global recordings, вториот албум се појави за американската етикета Unknown Tone Records, додека третиот за австралиската Twice Removed. Во подготовска е и нивниот четврти албум.

Фратино, изложба на Тони Димитров

Делата се создадени летото 2011 година во Васто, Италија, за  време на проектот Bitta generation. Креирани се на сончевите песочни плажи на малиот јадрански град, како протест против можното уништување на самите плажи кои се претворени во природни резервати поради гнездење на еден редок ендемски вид мала птица – фратино. На само километар од резерватот странските корпорации прават бушотини за експлоатација на нафта. Доколку се дозволи експлоатацијата на црното злато ќе се случи замирање на резерватите од страшните хемиски истекувања кој го зафаќаат целиот крајбрежен регион. Покрај протестите одржани со локалното население во гратчето Термоли, во Васто се работеше и на уметнички креации (графички, стрип и видео) за изложба токму на оваа тема, кои ќе имаат за цел будење на локалното население околу овој проблем и навремена реакција кoја ќе го спаси регионот од еколошка катастрофа. Делата произлезени од проектот беа изложени во во Васто.

„Отпечатоците се алузија на нафтени дамки, истечена нафта, мутирани риби или животни натопени во леплива нерафинирана нафта… Тоа се чести слики во приморските региони каде се ископува нафтата. Грозоморни слики на нашата реалност, која се случува на нафтените платформи или во зафрлените далечни делови на планетата, подалеку од светлото на градовите осветлени со овој свет енергенс. Слики на бесчувствителноста на homo sapiens кон остатокот од живиот свет на оваа планета“ – ќе каже авторот за проектот.

Делата се работени во неконвенционална техника која би се карактеризирала како примитивен печат, работен со микро-шаблон и акрил преку повеќе нанесувања на различни видови хартија наменета за традиционално печатење графички техники во длабок печат. Тони Димитров е мултимедијален ументик од Скопје кој се бави со различни перспективи на уметноста (звук, концептуални инсталации, цртеж, графички дизајн) и активизам.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top