Американскиот претседател Доналд Трамп денеска потпиша указ за повлекување на САД од Транспацифичкото партнерство за слободна трговија, кое беше договорено за време на администрацијата на Барак Обама.
Чинот во голема мера е формалност, бидејќи договорот а слободна трговија се уште не е ратификуван од страна на Сенатот, забележуваат американските медиуми.
Според економските експерти мала е веројатноста да биде одобрен со оглед на спротивставувањата на избирачите за слични зделки и можната загуба на работните места.
Трамп го определи потпишувањето на указот како „нешто големо за американските работници“.
Договорот беше склопен како противтежа на растечкото кинеско економско влијание и со цел да воспостави правила за трговија за 21. век. Иако беше потпишан во 2015 година, договорот се уште не стапил во сила.
ТТП го потпишаа Австралија, Брунеи, Канада, Чиле, Јапонија, Малезија, Мексико, Нов Зеланд, Перу, Сингапур, САД, кои заеднички претставуваат 40 отсто од светската економија.
Јапонскиот премиер Шинѕо Абе, голем заговорник на договорот, изјави дека ТТП без САД нема никаква смисла.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.