| четврток, 6 декември 2018 |

Утре ќе бидат објавени номинациите за „Оскар“

Американската академија за филм и наука во вторник ќе ги соопшти номинираните филмови за наградата „Оскар“, чиешто свечено 89. доделување ќе биде одржано на 26 февруари во театарот „Долби“ во Холивуд, соопштено е на официјалната веб-страница на Академијата.

Засега не се спомнува ниту еден филм кој би можел да биде на списокот на номинирани, но со оглед на доделените награди на Американското здружение на продуценти (Producers Guild of America PGA), Американското здружение на режисери (Directors Guild of America DGA) како и „Златниот глобус“, може да се претпостави кои филмови ќе се најдат меѓу номинираните оваа година за престижниот „Оскар“.

Според тие награди, мјузиклот „Ла Ла Ленд“, како и „Месечева светлина“ и „Манчестер покрај морето“ може да бидат фаворити за „Оскар“.

Наградата „Оскар“ се доделува во 24 категории, меѓу кои и за најдобар филм, најдобар актер и актерка во глава улога, најдобри во споредна улога, оригинално сценарио, најдобро адаптирано сценарио, најдобар странски филм, како и анимиран филм, музика, специјални ефекти и друго.

Свеченоста се пренесува преку американската телевизиска мрежа ABC, а домаќин ќе биде актерот Џими Кимел.

На свечената вечера на Академијата за наука и филм одржана на 12 ноември почесен „Оскар“ доби Џеки Чен, ѕвезда на акционите филмови, и режисерот на документарни филмови Фредерик Вајзмен.

Филмот „Под лупа“ на режисерот Том Макарти лани освои „Оскар“ за најдобар филм, додека мексиканскиот режисер Алехандро Гонзалес освои „Оскар“ за најдобра режија за филмот „Повратник“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top