Македонија и Норвешка утре ќе го дадат првиот четвртфиналист на Светското ракометно првенство во Франција, а пред дуелот во Албервил улогата на фаворит ја има скандинавската селекција која го освои второто место во својата група.
Но, норвешките медиуми потсетуваат на последниот дуел меѓу двете селекции на Европското првенство во Полска и ремито во кое Кире Лазаров постигна 11 голови. Најеминентните медиуми во Норвешка предупредуваат дека во македонската репрезентација има еден вонсериски ракометар кој е способен да ја одведе својата селекција во следната фаза. „Ова е џинот кој може да нѐ елиминира од Светското првенство“ е еден од насловите на текстовите посветени на македонскиот бомбардер кој засега е и најдобар стрелец на мундијалот во Франција.
„92 гола на едно првенство, пред неколку години некоја репрезентација можеше да заврши настап на некое првенство со толку погодоци, а Лазаров ги постигна сам на Светското првенство во 2009 година. Овој ефект го имаше на девет натпревари, значи просекот му беше повеќе од десет гола на натпревар, а против нашата репрезентација постигна 11 на пресметката на Европското првенство“, стои во објаснувањето за потенцијалот на Лазаров и кој треба да биде предупредување за Норвежаните.
Медиумите во оваа земја потсетуваат и на фактот што Лазаров прв ја надмина бројката од 1.000 погодоци во Лигата на шампионите, а постигна 62 гола и на едно Европско првенство. На овој турнир, македонскиот капитен постигна 44 гола од 68 удари, а реализираше и 17 од 19 изведени седмерци.
„Мора да се соочиме со нивниот специфичен напад, но и со Лазаров, да излегуваме и да го покриваме. Сум играл со него и знам колку добар ракометар е, не само што шутира, туку и многу добро проигрува. Тој лесно шутира над блокот, затоа не смееме да останеме на линијата на шест метри, мора да одиме на неговото тело“ – вели Бјарте Мирхол, кој му беше соиграч на нашиот капитен во Веспрем.
Оптимистички расположен е Еспен Ли Хансен кој смета дека физичката подготвеност е на страната на неговата репрезентација и таа може да го одлучи победникот.
„Се надевам дека Македонците се уморени по петте одиграни натпревари. Ако не се, тогаш ќе трчаме многу повеќе и ќе ги замориме, исто како што направивме на дуелот со Бразил. Мислам дека сме подобро подготвени од нив, моите нозе се во одлична состојба и по пет натпревари, но се сомневам дека истото важи и за левата рака на Лазаров“ – малку провокативно вели Хансен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.