Можноста за досега невидено нарушување на трансатлантските односи се појави откако Трамп, кој ги прифати бунтовниците против ЕУ за време на неговата кампања и по неговата победа, изјави дека 28-члената Европска унија ја чека распад и дека тој е рамнодушен на нејзината судбина. Тој, исто така, рече дека сегашната конфигурација на НАТО е застарена и ја истакна заложбата за одбрана на Европа.
Ставовите на Трамп предизвикаа вознемиреност во Европа, која се соочува со бран избори оваа година, по што антиимигрантски, евроскептични лидери би можеле да добијат моќ. Повеќето од големите лидери се обврзаа да работат со Трамп по неговата инаугурација и изразија надеж дека тој ќе ги ублажи ставови штом ќе ја преземе функцијата. Неговата континуирана тврда позиција создаде болно уверување во Европа дека може да остане без целосна поддршка на нејзиниот најстар и најголем партнер. Европската унија, главно, се потпира на просперитетот на континентот по Втората светска војна, но скептиците ја оценуваат во последните години како нефункционален блок кој ги поткопува финансиите и безбедноста.
– Се разбира дека ќе соработуваме со него на сите нивоа – изјави германската канцеларка Ангела Меркел пред новинарите во Берлин. Но, таа рече дека Европејците ќе треба да ја преземат одговорноста за себе.
– Нашата судбина е во наши раце – рече таа.
Последиците од потенцијално нарушување на трансатлантските врски се огромни. Гаранциите на САД ја сочинуваат самата срцевина на европската безбедност. САД и Европската унија си се најважни трговски партнери. Со децении европските земји и САД работеле заедно во врска со прашањата за војна, мир и богатство.
Изгледа Трамп е скептичен дека Европската унија е важна за американската безбедност или за економскиот раст.
– Луѓето си го сакаат сопствениот идентитет, па ако ме прашувате, верувам дека и други земји ќе ја напуштат – изјави Трамп за Европската унија во интервју за лондонски „Тајмс“ и за германскиот весник „Билд“.
Тој рече дека не се грижи за иднината на ЕУ.
– Мислам дека тоа не е многу важно за САД. Европската унија е Германија. Во суштина возило за Германија – изјави Трамп, што значи дека Германија ја користи слободната трговија на блокот за да ја продава својата стока на штета на другите. Тој додаде дека Меркел направила „катастрофална грешка“ со тоа што ги отворила вратите на Европа за емигранти и за бегалци.
Тој не им се заблагодари на европските држави за тоа што се долгогодишни американски сојузници, велејќи дека ќе им верува и на Меркел и на рускиот претседател Владимир Путин на почетокот на неговото претседателствување.
– Ќе почнам со доверба во двајцата. Но, да видиме колку долго ќе трае тоа. А можеби и воопшто нема да трае долго – рече тој.
Трамп прати измешани пораки за НАТО, во која доминира САД, нарекувајќи ја застарена и рече дека воопшто не е фер кон САД тоа што повеќето земји не ги исполнуваат своите доброволни обврски поврзани со трошоците за одбраната.
– Со оглед на тоа, НАТО е многу важна за мене – изјави Трамп.
Кремљ ги прифати коментарите на Трамп, со тоа што портпаролот се согласи дека НАТО е застарена. Британските лидери, исто така, ја поздравија подготвеноста на Трамп да се преговара за трговски договор во пресрет на заминувањето на нивната земја од ЕУ.
Но, меѓу повеќето американски сојузници, ставовите на Трамп предизвикаа чудење, и тоа не само во Брисел, изјави германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер за новинарите во понеделникот во Брисел, каде што се состана со другите европски министри за надворешни работи на претходно закажан собир. Веднаш по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Штајнмаер изјави дека НАТО ги следи коментарите на Трамп со загриженост.
Новиот претседател на САД е првиот американски лидер по Втората светска војна што не ја поддржува европската интеграција. Европската унија долго време се смета дека е во интерес на САД бидејќи таа создаде единствен пазар за американскиот бизнис, се бореше против комунизмот за време на Студената војна и помогна да се задуши крвавото злосторство што чинеше многу американски животи, меѓу другото, во првата половина на 20 век. По распадот на Советскиот Сојуз, Европската унија се прошири кон исток во поранешните комунистички земји, развој за кој тамошните лидери велат дека помогнал да се врати владеењето на правото и да се модернизираат нивните економии.
Штајнмаер изјави дека Германија се обидува да оцени каква ќе биде надворешната политика на САД. На пример, Џејмс Матис, пензионираниот генерал номиниран за секретар за одбрана на Трамп, минатата недела понуди јасна поддршка за НАТО и скептицизам за Русија. Другите лидери рекоа дека иднината на Европа не зависи од ставовите во Белата куќа.
– Она што го бараме е партнерство што се базира на заеднички интереси со САД. Ние секогаш сакаме да бидеме во добро друштво, но сами си ја одредуваме политиката – изјави шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.
Некои аналитичари истакнуваат дека откако Велика Британија минатата година гласаше да ја напушти Европската унија, поддршка за ЕУ во другите земји се зголеми. Тие се прашуваат дали предизвикот со Трамп може да има сличен ефект. Но, еден од нив рече дека ако глобалната нестабилност се зголеми како резултат на непредвидливата политика на Трамп, стресот може да се одрази на Европската унија.
– Во текот на последните децении, САД одиграа огромна стабилизирачка улога. И кога стабилизирачката улога на САД во светот ќе опадне, затоа што склучуваат трансакциски договори, тоа ќе создаде голем неред што ќе ги заплетка европските интереси – рече Стефан Лене, поранешен австриски дипломат кој сега работи во „Карнеги Европа“, истражувачки центар со седиште во Брисел.
Еден истакнат американски поборник за европско единство е загрижен за способноста на Европа да го преброди цунамито наречено Трамп.
– Како што Европската унија се бори со скептични сили, поддршката на САД е добредојдена – изјави минатата недела американскиот амбасадор во ЕУ во заминување, Антони Гарднер.
Ако не постои некој како државниот секретар Кери или Обама… што ќе ги потсетува луѓето на важноста на Европската унија, тогаш постои вакуум, рече тој.
Француските лидери, кои се соочуваат со тешки претседателски избори во април, исто така, се чини дека се борат да се справат со последиците. Сојузниците на Трамп изразија поддршка за антиевропската, антиимигрантската партија Национален фронт, чијашто лидерка, Марин Ле Пен, добро стои во анкетите за јавно мислење.
Ле Пен беше на ручек во кулата на Трамп минатата недела во друштво на еден човек, кој служи како неформален канал за контакти на Трамп со евроскептичните европските лидери, иако тимот на Трамп негираше секаков формален состанок со француската политичарка.
– Најдобриот одговор е европско единство. Како и во случајот со Брегзит, најдобар начин да се одбрани Европа е да останеме обединети. Ова е еден вид покана за Трамп. Да останеме блок. Да не заборавиме дека силата на Европејците е во нивното единство – рече францускиот министер за надворешни работи, Жан-Марк Еро.
Главниот дипломат на Луксембург изрази надеж дека ставовите на Трамп ќе омекнат по инаугурацијата.
– Мора да се надеваме дека изјавите на Трамп од петок ќе се движат во друга насока. Ако се разгледаат сите ризици, тоа ќе биде многу дестабилизирачки, што не е во интерес на Америка – рече министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн.
Извор: „Вашингтон пост“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Метју Палмер во Сараево: Македонија може да стане членка на НАТО до средината на 2020 година
-
Брегу: Проширувањето на ЕУ и поврзувањето на Западен Балкан се поврзани процеси
-
Пендаровски: Од јануари очекувам да бидеме на иста маса со НАТО
-
Не се очекува земјите од Алијансата да распоредат ново нуклеарно оружје во Европа