Интервјуто на Трамп, веројатно, предизвика најголем страв за Европа со темата за распаѓање на ЕУ, односно сигурноста на претседателот на САД дека по заминувањето на Велика Британија и други земји-членки се подготвуваат да го сторат истото. Се поставува прашањето дали тоа е заложба на Трамп, кој има можност да им помогне на тие што сакаат да ја туркаат таа агенда, или, пак, тој има точни информации за расположението во некои земји да се повтори британското сценарио. Информациите на германските тајни служби дека Русија со години создава свои структури во земји-членки на ЕУ само дополнително го зголемуваат стравот во Берлин и во Париз и ја зголемуваат опасноста од нервозни реакции.
Тој страв е особено голем во Германија, која беше директно обвинета од Трамп дека ја користи ЕУ како своја платформа преку која води трговска војна со Америка. Сценариото во овој дел од сагата САД – ЕУ или САД – Германија е леснопредвидливо, ако САД воведат царини од 35 проценти за германските автомобилски индустрии што продаваат на американскиот пазар, тогаш, место ТТИП, ќе се случи реакција на Берлин, по што и американските производители и даватели на услуги ќе се соочат со поголеми царински давачки, а нема да бидат поштедени ниту големите интернетски играчи, како „Гугл“, „Фејсбук“ или „Твитер“, кои ќе се соочат со дополнителни ограничувања во Германија која ќе мора да одговори на евентуалната политика на Трамп.
Со други зборови, место историската блискост што се случи меѓу Германија и САД, која најдобро може да се опише со случајот на шпионирање европски цели од страна на германските тајни служби по нарачка на ЦИА, можеме да очекуваме најголемо заладување на односите по Втората светска војна. Една од предностите на Трамп во идните односи со ЕУ, за која тој смета дека е под контрола на Германија, е договорот за слободна трговија со Велика Британија, чијашто прва верзија според Трамп ќе биде договорена за десетина дена по неговата прва средба со британската премиерка Тереза Меј во Белата куќа. Со оваа најава Трамп дополнително ја ослабува ЕУ давајќи ѝ алтернатива на Велика Британија, која во преговорите за заминување од Унијата ќе влезе помалку загрижена знаејќи дека дел од загубените пазари во ЕУ може да ги замени со 300-милионскиот пазар во САД, а преку нив и во целата слободна трговска зона НАФТА во која и Мексико и Канада.
Крај за санкциите кон Русија
Заладувањето меѓу САД и Европа ќе биде особено длабоко ако се обвистинат најавите на Трамп дека за да дојде до намалување на нуклеарното тактичко оружје, тој би се согласил со укинување на санкциите за кои Германија беше еден од најголемите поборници. Во тој случај треба да се очекува дека и Германија, покрај обидот да создаде силна група земји-поддржувачи во ЕУ што би застанале зад неа во битката со Америка, ќе се сврти кон Русија во обид да им парира на САД. Одобрувањето на изградбата на гасоводот „Северен тек 2“, кое се случува во екот на санкциите кон Русија, е добра појдовна точка за Германија повторно да се зближи со Москва ако Трамп навистина ги укине санкциите што беа изгласани на инсистирање на Барак Обама.
Со оглед на тоа што Трамп е јасен во намерата економските позиции на неговата земја да имаат приоритет пред воените и безбедносните прашања, може да се очекува дека тој, освен укинувањето на санкциите, ќе инвестира многу енергија во обидот да ја приближи Русија, како стратегиски така и економски, до САД и во исто време да ја оддалечи од Кина, која во финансиска и во индустриска смисла е многу поопасна од руската економија која сѐ уште, главно, зависи од енергетските ресурси.
Има ли НАТО алтернатива?
Во големата нова геостратегиска игра што ја најави Трамп посебно место има неговата оценка дека НАТО е застарена организација и дека некои земји-членки не плаќаат колку што треба за трошоците на алијансата. Со други зборови, Трамп им порача на сите земји- членки дека веќе нема да троши пари од федералниот буџет на САД за да се грижи за нивната безбедност. Трамп смета дека американските пари треба да се трошат, пред сѐ, за американски интереси и затоа НАТО ќе мора да се менува. На неговиот тим му е потполно јасно дека таа изјава е добредојдена за поборниците за европска армија, особено Германија и Франција кои и онака се залагаат за помало присуство на НАТО во Европа. Во таа игра треба да се земат предвид и стравот кај дел од земјите-членки на ЕУ дека можат да бидат жртва во трката на вооружување и вжештените односи меѓу САД и Русија, но и обидот на Трамп генерално да се приближи до Русија, со што веројатно ќе го намали значењето на ЕУ за Москва. На Трамп му е јасно дека формирањето заедничка европска армија е макотрпна идеја за која се потребни огромни пари, време и инфраструктура, кои Европа ги нема, и затоа отворено побара модернизација и повеќе пари од Европејците за буџетот на НАТО, кој сега речиси 90 проценти е пополнет од американски пари.
Македонија не смее да биде оптимист за своите позиции
Авторот на овој текст не смета дека Македонија од 20 јануари, кога ќе биде инаугуриран 45. американски претседател, треба да се надева на целосна промена на американската надворешна политика, во тој контекст и односот кон Македонија. Прво, затоа што оперативните сили што во име на американската администрација работат на терен најмалку една година нема да бидат под целосна директна контрола на новата влада во Вашингтон. За целосна ревизија на разузнавачките служби, која ја најави Трамп, се потребни време, огромна енергија и, пред сѐ, внимателност затоа што зборуваме за институции со буџети од стотици милиони евра, разработени јавни, полујавни и целосно тајни единици, кои се етаблирани во последните осум години во мандатот на Обама и кои имаат механизми да се спротивстават или барем да ја забавата новата доктрина на Трамп. Дополнителен проблем за новата администрација ќе бидат операциите од национален интерес за САД што се водат во најмалку триесетина земји во светот, а кои не смеат и не зависат од актуелната администрација, туку од трајните интереси на САД. За промена во овие структури, кои имаат и огромни црни фондови, се потребни и јавна расправа и воведување нова стратегија со цел. Пред да направи радикални чекори Трамп ќе мора да им каже на американската јавност и на Конгресот, на пример, дали се откажува од концепцијата според која безбедноста на САД се брани во земјите каде што се врши најголемото производство на светската нафта.
Македонија засега има право да се надева на позитивни промени во само еден мал дел од новите заложби на Владата во Вашингтон. Сѐ уште најголемата македонска партија ВМРО–ДПМНЕ, која го доби мандатот за создавање нова влада, е на страната на Трамп во јавниот судир со традиционалниот американски естаблишмент симболизиран преку ликови како Џорџ Сорос. Колку ќе се развива и продлабочува судирот меѓу Трамп и луѓето како Сорос и колку македонската поддршка за новиот претседател на САД е важна ќе се види наскоро, но имајќи предвид дека противниците на Трамп се луѓе што се тешки стотици милијарди евра, Македонија не смее да се залажува дека во оваа битка може да има еден победник, ниту, пак, дека поразениот како што се случува во политиката ќе го напушти бојното поле. Се работи за една исцрпувачка битка во која дури и на Трамп нема да му биде лесно. За Македонија е повеќе од јасно дека оваа битка не може да ја добие до крај.
Вистински информации на вистинско место
Другата стратегиска можност на Македонија е тоа што по 20 јануари ќе постои можност информациите и анализите за Македонија и за регионот во Белата куќа да ги прават објективни професионалци, а не луѓе што имаат фатено страна поради финансиски или други причини, луѓе што не биле инволвирани или диригирале со контроверзни трагедии, како масакрите од типот на Монструм, Маркале и Рачак, луѓе поврзани со сомнежите за фингирање на косовската криза, кои соработувале со криминални и радикални исламистички структури во регионот и во Македонија или имаат лични удели или бизнис интереси во големите, за балкански услови, стопански капацитети.
Се разбира, не треба да имаме илузии дека Трамп и неговиот тим можат да сменат нешто драматично во односот меѓу Грција и Македонија, односно дека ќе можат да ја натераат Атина да го прифати уставното име. Не само поради тоа што шефот на кабинетот на Трамп е Гркот Прибиус, туку, пред сѐ, поради можноста во времето на Трамп да се врати изолационизмот, се разбира во модифицирана форма која ќе биде пречка за решавање на спорот за името и за слични мали проблеми на Америка. Слична е ситуацијата и со прашањето за Голема Албанија. Доколку Трамп навистина се реши да се повлече од сите места што не носат финансиска корист за САД, можно е ова прашање, за разлика од досега, да биде оставено да го решаваат регионалните играчи или евентуално Германија како најмоќна европска земја.
Фактот што никој од администрацијата на Обама не го осуди мешањето на албанскиот премиер Еди Рама и на министерот за надворешни работи Дитмир Бушати во внатрешните работи на Македонија може да значи дека Стејт департментот не сака да навлегува во неважни прашања за САД во транзицискиот период во Белата куќа, но може да значи и дека во иднина Вашингтон нема да се меша во билатералните проблеми на Балканот и во другите региони на светот доколку таму директно не се загрозуваат американските интереси.
Во услови на засилена политичка пропаганда на политичката елита на Косово, Србија, Албанија и Република Српска, поделбите во Бугарија на русофили и проамериканци, присуството на радикални исламистички групи во целиот регион и можноста од нова ескалација на бегалската криза, на Македонија најмалку ѝ одговара евентуално повлекување или значително намалување на присуството на САД на Балканот и враќање на „законот на посилниот“. Заминувањето на силите на УНПРЕДЕП, во кои имаше американски војници на македонската граница со Албанија и со Косово, по кинеското вето најдобро покажува колку позитивно за Македонија е директното присуство на САД во земјата и во регионот. Особено ако присуството на САД значи поддршка за стабилноста на земјата каква што очекуваме од владата на Трамп, а не нејзино дестабилизирање.
(Текст објавен во 229. број на неделникот Република, 20.01.2017)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.