Изборниот инженеринг подготвуван од надвор не ги даде посакуваните резултати во Македонија, но тоа не значи дека неговите креатори ќе се откажат од намерата да ја отераат Република Македонија во правецот што го замислиле тие, па колку и да е спротивно на идејата и волјата на македонскиот народ. Разликата е во тоа што сега настапите и туркањето на агендата се многу поотворени. Како што кризата во која „гази“македонското општество трета година не е домашна работа, така и плановите и идеите за излез од неа нема да бидат оставени да бидат резултат на домашниот глас. Во таа насока не може да се гледа поинаку ниту на ставовите на политичкиот ментор на СДСМ за прифатливоста на платформата од Тирана, ниту на кревањето раце на СЈО од случајот „Пуч“, ниту, пак, на визијата на британскиот амбасадор Чарлс Гарет.
Без да се навлегува во нова анализа за вмешувањата на Тирана и на Приштина во чисто внатрешни партиско-политички решенија, како што треба да претставува платформа за соработка на идната македонска коалициска влада, не може да се изостави фактот дека таквата поставеност не е без „амин“ од центрите на моќ, пред сѐ од Брисел и од Вашингтон. Првенствено бидејќи Албанија е членка на НАТО, па секој збор оттаму не може да се гледа само како на политичка незрелост или недоветност на премиерот Еди Рама или на министерот за надворешни работи Дитмир Бушати. Изостана и реакција од НАТО и од ЕУ за средбата во кабинетот на Рама под картата на Голема Албанија, а молкот важи и за именувањето на Македонците со „Славомакедонци“ од Бушати. Тоа што најмалку треба да се добие од Брисел, како седиште на двете организации, е дали Тирана ги изразува заедничките ставови на алијансата и на ЕУ или барем дали се согласува со тоа што претставува отворен чин на агресија. Но, одговор нема да се добие имајќи ги предвид однесувањата на амбасадорските претставници во Македонија по овие прашања.
Дипломатските и амбасадорските „излети“ кога се во прашање Република Македонија и нејзината иднина не се нови. Ако земјата се наоѓа во клинч во кој, по сѐ изгледа, кризата по изборите наместо да почне да се надминува, дополнително ќе се замрсува, излетот на политичарите на етничките Албанци од Македонија во Тирана и платформата што ја донесоа оттаму, недвосмислено потсетува на визијата која за Македонија ја имаше германската амбасадорка Урлике Марија Кноц.
Во симулацијата во која учествувале ученици, како што објаснуваше Кноц во 2009 година, етнички Македонци и етнички Албанци, Македонија за 10 години требало да биде во ЕУ со сменето име „Северна Македонија“, а државата да била двојазична. Иако имаше остра реакција од македонското МНР, Кноц беше викната на „пеглање“, а Германија се огради од „визијата“, денешната актуелност во Македонија, претставена и преку програмата на СДСМ и преку платформата од Тирана, недвосмислено се движи во таа насока. Во кампањата СДСМ ветуваше и двојазичност и брзи евроатлански интеграции. Во платформата на Рама се бара и промена на името за интеграции и двојазичност. Различно од симулацијата на Кноц е само решението за името. Но, тоа и не е проблем по топлите односи кои новата германска амбасадорка ги гради и ги има со СДСМ, особено преку домашните советници во амбасадата. Така неодамна Кристине Алтхаузер, наследничката на визионерката Кноц, беше во СДСМ, каде што, според партијата, е разговарано за „потребата од продолжување на демократските процеси во Македонија и формирање нова, силна, посветена Влада кон реформските приоритети“.
За да не остане само на тоа дека во отсуство на американскиот амбасадор, германската амбасада сама ја турка агендата, деновиве повторно се активираше и приклучи британскиот амбасадор. Иако нема можност силно да убедува во придобивките од интеграцијата во Европската унија, тој сега објави „блог-есеј“ „од иднината“ како симулација за тоа каде тој смета дека треба да оди Македонија.
Во период кога се очекува Македонија да ја добие новата влада или поточно дали старо-новиот двоец Никола Груевски и Али Ахмети ќе договорат заедничка владина платформа за следниот период; Гарет притрча на помош во СДСМ. Надевајќи се дека нема да дојде до договор, а дека следен мандатар би бил токму Заев од СДСМ, британскиот амбасадор со време ја подготвува сцената за таквата влада. Во писанието на Гарет таа влада би се базирала на „Планот за живот“ на СДСМ, само што, дипломатски поткован, тој ја нарекува „Визионерскиот план Македонија: Национална стратегија за сите наши граѓани“.
Всушност, сновидението на Гарет за Македонија е објавено истиот ден кога СЈО соопшти дека крева раце од случајот „Пуч“, со што повторно лидерот на СДСМ е амнестиран од обвинение. „Прочистувањето“ на Заев се случи неколку дена откако партискиот политички ментор, Сашо Ордановски, јавно ги банализираше и оправдуваше барањата од „сеалбанската платформа“ како прифатливи. Британецот Гарет сега додава „ветер во грбот“ со есеј за промоција на платформата на СДСМ со симулација како Македонија да „процвета“ по соработката меѓу „етничките Македонци“ и „етничките Албанци“. Името на нацијата во есејот не му е важно откако двата етникуми во неговата бинационална држава работат според „Планот“ или, како што вели, „националната стратегија“. Но, секако, прва работа што ја направиле „етничките Македонци“ е промена на името на државата.
Со јазик достоен за учесниците на симулацијата на Кноц, Гарет доловува идилична иднина со „стратегијата“. Извонредното лидерство успеа да биде пример во регионот и да направи значаен придонес за евроатланските интеграции… Секако, договорот 2020 година со Атина за името беше основа за голем дел од ова. Постигнувањето на тој договор не беше пикник и бараше значајна политичка храброст во двата главни града. Но, шест години подоцна, на тоа се гледа како на добра работа, не само поради тоа што конечно го отвори патот – заедно со реформите што следуваа по изборите 2016 година – да се приклучи во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ. Македонија веќе не е во корпусот „претешки задачи“, пишува Гарет. Всушност, Гарет го претставува токму барањето на етничките Албанци од Платформата, брз влез во НАТО и почнување на преговорите за ЕУ, без гаранција за успех.
Гарет не застанува тука и продолжува да ја прикажува како негова визијата на СДСМ. Пишува за реформите во правосудството поврзани со „сензитивни судски одлуки со политичко влијание“, но не објаснува дали тоа се однесува на случаите како „Монструм“ или „Диво Насеље“, што за дел од етничките Албанци се „политички монтирани случаи“. Гледајќи од аспект на иднината, британскиот амбасадор во делот на економијата и младите во целост ги вградува инкубаторите и стартап-центрите од планот на СДСМ што ја претвориле земјата, како и да треба да се вика по промената на името, во конкурентна, особено за младите во Тетово, Битола и Штип.
Британскиот амбасадор умно не го оптоварува неговиот есеј со кантонизацијата и со федерализацијата од политички аспект, но затоа економскиот „рапиден раст“ го припишува на „конструктивната соработка меѓу етничките Албанци и етничките Македонци“. „Имаше особено умни соработки меѓу етничките Албанци и етничките македонски компании со цел меѓусебно да се прошируваат различните вештини и контакт-мрежите за да ги искористат регионалните можности“, објаснува Гарет, кој во Тетово препознава иден „Олимписки центар“ откако се надминало загадувањето. „Иако низ историјата на Македонија никогаш не ѝ било лесно, но ‘декадата на Македонија’ била декада на успех“, прејудицира Гарет кој во својот блог-пост нагласува дека сѐ започнало по изборите во 2016 година.
Имајќи предвид дека како резултат на последните три години, кризата изнедри платформи кои во целост се во корелација со симулацијата на Кноц од 2009 година; прашањето сега не е кога тоа сценарио ќе пропадне, туку дали државата ќе дозволи амбасадорските симулации и сновиденија да станат реалност. Постизборното чистење на теренот преку амбасади и вонуставната инсталација во правниот систем за изигрување на изборниот резултат по секоја цена не остава место за сомнеж дека наскоро треба да се очекуваат нови и нови кризи со иста цел. Иако главните ликови во кризните сценарија се менуваат (не смее да се заборави на СМС пораките на Заев до Мендух Тачи), целта останува иста. Единствена пречка за исполнување на сновиденијата сето ова време беше народот и затоа тој мора цврсто да опстои зад насоките каде сака да се движи државата и зошто повторно ја довери власта на ВМРО-ДПМНЕ. Државата, пак, мора отворено да инсистира на одговори и одговорност за однесувањата и од земјите чиишто амбасадори се претвораат во „јасновидци“ и од центрите на институциите кон кои Република Македонија се стреми – Европската Унија и НАТО – за вмешување на партнерските држави во внатрешните работи на Република Македонија.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 229. број на неделникот „Република“, 20.1.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.