Меѓу 49-те православни верници кои денеска влегоа во водите на реката Вардар во Велес под Мало мовче најмногу среќа да го фати крстот имаше 21-годишниот Влатко Стојанов.
Од Мало мовче во Велес светиот чин го изврши митрополитот повардарски г. Агатангел во присуство на бројното свештенство, бројните православни верници и граѓани на Велес и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов со сопругата Маја.
Младиот Влатко Стојанов кој е невработен и неоженет по крстот во Вардар на овој празник заплива за првпат. Во изјавата за медиумите рече дека е многу среќен што токму тој ја имаше големата среќа да го фати светиот крст.
Стојанов од претседателот Ѓорге Иванов доби на подарок македонски крст со охридски рубин. Од митрополитот Повардарски доби златно крстче, како и многу други податоци од Општина Велес, ЈКП „Дервен“, „Агрија“…
Инаку, во наредните 30-ина денови Влатко Стојанов со својот другар кој со него влезе во водите на Вардар со светиот крст ќе ги посетат домовите на православните верници во Велес.
Празнувањето на Богојавление – Водици во Велес утрово започна со архиерејска божествена литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ на која чиноначалствуваше митрополитот повардарски г. Агатангел во сослужение на бројното свештенство од Епархијата и присуство на бројни верници, а на неа присуствуваше и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов со сопругата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.