СЈО е под директно влијание на СДСМ и гони исклучиво функционери од ВМРО-ДПМНЕ, истакна аналитичарот Александар Даштевски во интервју на ТВ Нова зборувајќи за одлуката на Специјалното јавно обвинителство да го повлече обвинението за предметот „Пуч“ во кое еден од обвинетите е лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Даштевски потсети дека политичката криза започна токму со овој случај и објавувањето на бомбите, по што беше формирано СЈО со цел да биде независно тело, но праксата покажа дека тоа дејствува пристрасно и во договор со СДСМ.
– Целата криза започна со уцените од страна на Зоран Заев во кабинетот на тогашниот премиер Никола Груевски, каде бараше од него да се повлече од функцијата, и се закани дека во спротивно ќе објавува бомби. Подоцна видовме дека тоа навистина се случило, Груевски бил уценуван и притоа дојде до покренување на истрага во која се докажа дека тие материјали биле прибавувани по налог на Зоран Верушевски од страна на оперативци од ДБК коишто снимале во интерес на Верушевски, а снимките биле доставени до Зоран Заев и обработувани во странство. Целата политичка криза и сите работи што се направија во овие две години беа поради случајот „Пуч“. Тогаш се појави сомнеж дека јавното обвинителство нема да дејствуваа објективно, па почнаа преговори за СЈО, со цел народот да биде сигурен дека истрагите ќе се водат како што треба. Сега гледаме дека СЈО постапува исклучиво партиски, се гонат исклучиво функционери на ВМРО-ДПМНЕ што не беше идејата кога го создадоа, во спротивно зошто ВМРО-ДПМНЕ би прифатило такво обвинителство?, заклучи Даштевски.
Додаде дека нема никаква објективност и во ниту еден момент СЈО не направија вин-вин ситуација, за да се стекне впечаток дека СЈО обработува предмети против функционери од спротивставени политички партии.
– СЈО ги гони само оние кои беа претставени во бомбите. Се работи за режија на СДСМ и СОРОС со одредени странски елементи. Што се однесува до случајот „Пуч“, требаше да видиме кои се луѓето што стојат зад него во странство и работеле на тие предмети, да се објават имињата и да се види како дошло до тоа. СЈО се под директно влијание на СДСМ. Заев на митинзи ги најавуваше конференциите на СДСМ, вработени се внатре луѓе од СДСМ. Ние тоа го знаеме, но треба да видиме која е режијата, додаде Даштевски.
Тој смета дека сето ова се случило со намера процесот да се одолговлекува.
– Со целата режија за одлагање се бараше начин да се направи она што денеска се направи. Многу е тешко кога имате покренат случај, со докази, аудио, видео материјали, човек е осуден, четири лица биле во притвор, сега да се откажете од случајот. Намерата е да се одолговлекува судењето и понатаму, да се стави во статус – кво состојба каде нема да може никој да биде гонет. Сметам дека ќе се чека предметот да биде вратен во претходна постапка и потоа ќе започнат да се бараат докази, смета Даштевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.