Терористот кој го изведе нападот на божикниот саем во Берлин, Анис Амри, веднаш по нападот пред надзорните камери позираше со испружен показалец, знак за препознавање на Исламска држава (ИД).
На железничката станица Зоо, во непосредна близина на местото на кое е извршен нападот на божикниот саем во Берлин, Анис Амри остави поздрав. Целосно свесно, како што претпоставува Германското државно обвинителство, напаѓачот застанал до поставената надзорна камера и го испружил показалецот, симбол кој во изминатите години за себе го „резервираа” џихадистите на т.н. „Исламска држава” (ИД). Го „резервираа” бидејќи испружениот показалец веќе долго е етаблиран знак во исламот. На пример, се користи за време на шехадет, исламско сведочење на верата.
Тој симбол се спомнува веќе во хадисите, класични преданија за делувањата и изразувањето на муслиманскиот основач на таа религија Мухамед. Пророкот Мухамед, според преданијата за време на молитва својот десен лакт го потпирал на десната нога и потоа го пружал показалецот на десната рака во вис. Од тогаш тој гест на муслиманите важи како израз на верата во еден, единствен Бог. Верниците кои ја практикуваат верата тој гест го покажуваат петпати на ден, за време на пет молитви кои ги пропишува нивната вера.
Меѓу понизност и вистинска моќ
Многу луѓе на Западот тој гест го поврзуваат со сосема друга приказна – таа во подем на терористичката организација „Исламската држава”. Секогаш одново така можат да се видат нивните борци како покажуваат десен показалец во камерите, а нивните симпатизери и поддржувачи во светот го прават истото тоа. Па така и Амри со тој гест позирал не само на железничката станица Зоо, туку и претходно на една фотографија која ја поставил на социјалните мрежи. И т.н. „калиф” на ИД Ибрахим Авид Ибрахим ал-Бадри алијас Абу Бакр ал-Багдади тој гест го покажал во своите досегашни видео-проповеди, снимени во летото 2014 година.
Испружениот показалец е двозначен симбол: во исламскиот контекст тој означува единствен Бог кој се враќа како најголема моќ на која човек треба понизно да се покори. Покрај класичниот исламски контекст, испружениот показалец истовремено е и израз на голема самодоверба.
Показалецот ја означува позицијата на тој кој покажува на нешто. Тој прст го истакнува објектот на кој се посочува, како и лицето кое го крева прстот. Токму показалецот е тој кој на објект дава некое значење. Со тоа на тој гест секогаш се дава и право на моќ – универзално можеби никаде на друго место толку јасно симбилизирано како во предупредувачкиот подигнат показалец на наставник во училиште.
Свесна амбивалентност
Тоа значење е токму тоа поради кое тој гест е омилен и меѓу џихадистите. Тоа има нешто заканувачко, авторитарно, ја отелотворува таа моќ која џихадистите на ИСИС од 2014 година, од прогласувањето на „Калифатот”, толку одлучно го узурпираа за себе и безобѕирно го спроведуваат. Тоа барање, како што во својата студија за историјата и стратегијата на ИД пишува експертот за исламот Вилијам МекКантис, терористичката организација веќе го формулирала во своето име: „Арапски збор за држава – dawla – може да означува една модерна национална држава а воедно и да предизвика сеќавања на средновековните калифати. Исламската држава ја користи таа повеќезначност за да ги охрабри своите поддржувачи да ја сметаат за еден вид прото-калифат”.
Теолошка и воена надмоќ
Но, таа повеќезначност ИД ја користи при испружениот показалец: од една страна тоа е еден познат и позитивно конотиран симбол, а од друга страна одлучен повик на борба. Њујорк Пост тој симбол го смета за „џихадистички еквивалент за означување на една разбојничка банда”. Верата во еден и единствен Бог го имлицира токму кодот на џихадистите и истовремено ги отфрлува сите други светогледи.
„Со тоа што припадниците на ИД креваат показалец во вис истовремено испраќаат разбирлива порака со оглед на нивните цели: теолошка надмоќ и воена хегемонија” – пишува за тоа весникот Фореин Афеарс. Но, тој концепт се покажа како успешен, оценува весникот: „Ако потенцијалните регрути во Лондон, Њујорк или Сиднеј го гледаат тој симбол на Твитер, ќе ја разберат димензијата на барањето на ИД и нејзините цели кои доаѓаат со тоа. Помалку радикализираните следбеници потсвесно ќе видат дека се работи за симбол на моќ”.
Потешкотии во толкувањата
Амбивалентниот карактер на тој гест – покорност во класичниот Ислам, доминатно однесување во џихадистичкото миље – нејзината јасна интерпретација ја прави комплицирана. Во јуни 2015 година АРД првата програма на германската јавна телевизија, емитуваше документарен филм во кој се прикажува едно младо момче и еден член на управен одбор на турско-исламското здружение ДИТИБ во градот Динслакен. Двајцата креваат испружен показалец.
Реакциите на тој гест биле жестоки. Весникот Исламише Цајтунг (Исламски весник) смета дека возбудувањето околу тоа е непримерно. ДИТИБ – здружение кое е под турското Министерство за религија, е против екстремистичката идеологија, тврди тој весник и прашува: „Дали тука дошло до јавни клевети?”.
Претставниците на ДИТИБ во Северна Порајнја и Вестфалија (покраина во која се наоѓа Динслакен) и сами се покажаа дефанзивно и најавија дека дошло до „погрешно однесување” во Динслакен и дека таквото однесување ќе има последици во вид на оставка на дотичните членови на управниот одбор, како и дека покрај тоа „целиот управен одбор има намера да даде оставка”, како што објасни Мурат Кајман од покраинското здружение на ДИТИБ во Северна Порајнја и Вестфалија.
„Исламската држава” окупира еден симбол на класичниот Ислам и се уште не се знае како умерените муслимани повторно ќе го освојат за себе тој всушност нивен симбол.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Спречен терористички напад во Франкфурт
-
Паника на СП: Блокиран московскиот аеродром, човек лежи на под со експлозив на грбот
-
Терористички напад во Германија: Автомобил влета во топла луѓе, возачот се застрелал по инцидентот
-
Четири терористи од ПКК се убиени од турската воена авијација во Северен Ирак