| четврток, 6 декември 2018 |

Во Македонија се уште мал бројот спорови се решаваат со арбитража

ar

Навиката и незнаењето, односно недоволната информираност, се клучните причини поради кои во Македонија се уште е многу мал бројот на споровите што се решаваат со арбитража. Како што рече денеска на прес конференција претседателот на Постојаниот избран суд ­ Арбитража при Стопанската комора на Македонија, Горан Рафајловски, од вкупно 10 спорови минатата година, решени се осум, а два се во процедура.

Постојаниот избран суд, нагласи Рафајловски, има капацитет годишно да решава околу 10 отсто од вкупниот број случаи во судството или 60 ­ 70 ако се вкупно 700.

-Стопанството е уморно од долгите судења кои траат и по неколку години и чиј исход потоа е речиси ирелевантен. За разлика од ваквото процесирање на предметите, арбитражата нуди брзи, ефикасни постапки во кои двете страни постојано се во тек со процедурата, а таа завршува за максимум шест до девет месеци со финално решение кое нема право на жалба. Тоа е многу битно, нема инстанца над арбитражата, арбитражната пресуда е последна и мора да се примени и е извршна- посочи Рафајловски.

Според него, арбитражата како алтернативен начин на судење е исклучително професионална, независна и работи единствено во полза на стопанствениците. За компаниите значи поголема сигурност во работењето, доверба во системот и законите. Судството е преоптоварено и нивото на неговото работење не е задоволително за стопанството. Арбитражата во Македонија постои повеќе од 30 години, нејзиното време допрва доаѓа, а ќе придонесе многу за подигнување на нивото, квалитетот и брзината при решавањето на споровите, смета претседателот на Постајниот избран суд. Постојаниот избран суд, најави Рафајловски, подготвува арбитражна судница, целосно опремена, по сите стандарди. ­

-Тргнуваме напред и имаме огромна можност да постигнеме многу повеќе. Очекуваме за време на нашиот мандат, на новот престедателство, во наредните пет години да дојдеме до решавање 70 случаи годишно или 10 проценти од вкупниот број во судството- додаде Рафајловски.

Осврнувајќи се на состојбата во регионот, рече дека соседните земји не се многу подобри од нас. Драстично предничи Романија со по околу 1.600 спорови годишно и каде постапките се речиси сведени на „пола : пола“ со судството. Рафајловски заклучи дека е неопходна поголема промоција на арбитражата во земјава, информирање и едукација, посебно меѓу стопанствениците, зашто со неа главно се решаваат трговски, облигациски спорови. Во последниве 30 години, откога постои арбитражата кај нас, решени се повеќе од 150 предмети. Притоа, нема приговори во однос на начинот на решавањето, а многу малку се и приговорите во однос на формата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top