| четврток, 6 декември 2018 |

Доделување награди на членовите на првиот вики-клуб во Македонија

На 17 јануари, вторник, со почеток во 14.00 часот, во просториите на „Порта Македонија“, ќе бидат доделени наградите на најактивните членови на првиот вики-клуб во Македонија. Наградите се доделуваат по повод 16. роденден на најголемата слободна енциклопедија на интернет – Википедија.

Наградите ќе бидат доделени во неколку категории: најголем број на нови статии, најголем број на придонеси, најдолга нова статија, како и три награди на активни учесници. Членовите на Вики Клубот се обучуваат за пишување статии на Википедија на македонски јазик. Покрај зголемувањето и дополнувањето на бројот на статии на Википедија, членовите на Вики Клубот учат правилно изразување, превод, новинарско известување со факти или преку проверливи изори, и сето тоа преку групна и индивиуална активност.

Членовите на Вики Клубот, на 1 декември 2016 година зедоа учество во првата тематска работилница, а тема беше Општина Карпош. Врз основа на податоците добиени од вработените во општината, младите Википедијанци ја дополнија и ја збогатија статијата за општина Карпош на Википедија на македонски јазик.

Првиот Вики Клуб во Македонија започна со работа на 19 октомври 2016 година, и работи во просториите на Музејот на македонската борба во Скопје, секоја среда од 15 до 18 часот. Влезот е слободен за сите заинтересирани, без разлика на годините. Во моментов Вики Клубот брои вкупно 50 членови, кои досега создале над 70 нови статии на Википедија на македонски јазик, а дополниле и прошириле над 100 постоечки статии. Темите на кои пишуваат младите Википедијанци се слободни, а се подготвува и организирање на повеќе тематски работилници, на кои главна тема ќе биде историјата на македонскиот народ.

Првиот вики-клуб во Македонија почна со работа во октомври и е проект на НУ Музеј на македонската борба и Здружението за умножување слободни содржини ГЛАМ од Скопје.

Во него членуваат педесетина деца од неколку училишта од Скопје. Вредните членови на првиот вики-клуб во Македонија веќе објавија повеќе од седумдесет сосема нови статии и дополнија стотина постоечки статии на Википедија на македонски јазик. На овој начин првиот вики-клуб во Македонија го даде својот значаен придонес за зголемување на бројот и квалитетот на содржините на Википедија на македонски јазик.

Работата на клубот продолжува и во новата година, во стандардниот термин, секоја среда од 15,00 до 18,00 часот, во просториите на НУ Музеј на македонската борба – Скопје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top