| четврток, 6 декември 2018 |

Наградени 13 композиции на вториот конкурсен рок за создавање класична музика

На вториот конкурсен рок за откуп на музички композиции од областа на класичната музика за 2016 година, доделени се 13 награди (шест први, пет втори и две трети) со вкупен износ од 2.225.000 денари, соопшти Министерството за култура кое оваа стимулативна мерка ја воведе согласно со Стратегијата за развој на културата 2013-2017.

Министерството информира дека биле поднесени 25 апликации во осум различни категории, а наградените 13 композиции биле избрани од стручна комисија во состав: Марко Коловски и Тина Иванова-Бејкова – претставници од СОКОМ, Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ – претставници од МОБ, Владимир Костов и Емин Џијан – претставници од Македонската филхармонија, и Кире Костов – претставник од ФМУ Скопје.

Според нивниот избор, во категоријата Композиции за хармонски инструмент, прва награда е доделена за делото „Imagine infinity“ на композиторот Ана Пандевска, а втора награда за делото „Кафез 10“ на авторот Тодор Трајчевски.

Во категоријата Композиција за мешан хор доделени се три награди: прва награда за делото „Дај дуни дуни“ на композиторот Гоце Гавриловски; втора награда за делото „Слобода“ на композиторот Андреј Блажевски и трета награда за композицијата под шифра ЕЛФ на авторот Вања Николовски Ѓумар.

Во категоријата Композиција за квартет, комисијата доделила две награди: прва награда за делото „Процес“ на композиторот Андреј Блажевски и втора награда за композицијата под шифра С10Г на авторот Гоце Гавриловски.

Во категоријата Композиција за камерен состав од шест до девет инструменти, комисијата доделила три награди: прва награда за композицијата „PALHACO“ на композиторот Ана Пандевска; втора награда за делото „The morning train“ на композиторот Никола Димушевски и трета награда за делото „Капис“ на композиторот Илија Илиевски.

Во категоријата Композиција за инструментален солист и оркестар доделени се две награди: прва награда за делото „Концерт за виолина и оркестар бр. 1“ на композиторот Филип Иванов и втора награда за делото „Концерт за труба и оркестар“ на композиторот Панде Шахов.

Во категоријата Балет, каде што се доделува само прва награда, наградено е делото „Кокино – балет во еден чин“ на композиторот Никола Димушевски.

– Во согласност со резултатите од Конкурсот за стимулација на творештвото од областа на класичната музика за 2016 година, во двата конкурсни рока се поддржани вкупно 33 дела на 23 реномирани автори.

Министерството за култура и во иднина останува доследно на заложбите да води максимална грижа за македонските музички автори, стимулативно да го поттикнува творештвото, да ги помага градењето на уметничката кариера на македонските уметници и презентирањето на нивното творештво во домашни и во меѓународни рамки, соопшти Министерството за култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top