| четврток, 6 декември 2018 |

По пост од три меча убедлива победа на ЦСКА, победа и на Галатасарај

teodosic

Актуелниот европски и руски кошаркарски шампион ЦСКА Москва со победата вечерва во рамките од 17.коло од Евролигата над Армани Џинс Милано со 101-64, ја прекина резултатската криза од три последователни порази.

Избраниците на тренерот Итудис победата ја најавија и може да се каже ја осигураа уште по првото полувреме, кое го добија со и тоа како убедлива разлика од +31 (56-25). Русите веќе по пет минути игра во мечот со тројката на Теодосиќ за првпат поведоа со двоцифрена разлика (13-2), за да на крајот од првата четвртина заминат со резултат од 27-11. Во вториот квартал клубот од Москва дополнително ја зголеми предноста, откако го доби периодот со 29-16.

nando de kolo

Ниту стартот на второто полувреме не донесе ништо ново, па иако шампионот на Италија одигра нешто подобро и на крај третата четвртина минимално со 22-21 ја доби ЦСКА Москва и замина на пауза во пресрет на последните десет минути со 78-46. Завршницата беше само чиста рутина, па така рускиот состав на крај славеше со конечен резултат од 101-64.

Нандо Де Коло со 22 поени беше најефикасен во составот на ЦСКА Москва, додека во гостинскиот табор прво име со „дабл-дабл“ ефект од 19 поени и 11 скока беше Милан Мачван.

galatasaraj

Црната низа од четири врзани порази ја прекина и Галатасарај, кој на домашен терен во возбудлив натпревар го совлада составот на Жалгирис со резултат од 87-79. Мечот во Истанбул го одбележа израмнета игра, скоро во целиот тек од мечот, со исклучок на вториот квартал кој домаќините го добија со 23-17, предност што на крај се покажа како пресудна за победата.

Бруно Фитипалди со 21 поен беше прво име во победничкиот табор на Галатасарај, додека во таборот на Жалгирис најефикасен беше Брук Мотум со 18 поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top