На последната седница на Советот на Скопје беше усвоена одлуката за уредување на активностите, обемот, динамиката и начинот на евидентирање и нумерирање на објектите на подрачјето на град Скопје. Исто така, се определија и финансиите од буџетот за 2017 година за планираните активности. Станува збор за нови 1,8 милион денари или околу 30.000 евра.
– Под активности поврзани со нумерирањето објекти наменети за работа и живеење на подрачјето на град Скопје се подразбира: подготвување подлоги, теренско снимање и утврдување на фактичката состојба, преклопување со катастарската и урбанистичко-техничката документација и ажурирање во Електронската евиденција на податоци (ГИС). За реализирање на дел од активностите предвидени со оваа програма, и тоа за теренското снимање, се ангажираат надворешни соработници за периодот опфатен со програмата.
Добиените информации од увидот на терен секторот за комунални работи во координација со одделението за ГИС во секторот за информатички технологии и модернизација ги сублимира, преработува во согласност со урбанистичко-техничката документација и врши ажурирање во ГИС – се вели во одлуката на градската власт.
Одлуката за нумерирање беше донесена на Советот на Скопје лани по низа дискусии од членовите на Советот за проблемите со кои се соочуваат жителите на главниот град во однос на ова прашање, кое сега се решава еднаш засекогаш.
Што се однесува до таблите со улични називи, кои се поставуваат со цел да се спречи досегашната нестандардизација и неунифицираност, новите се сини и, освен името на улицата, на нив задолжително се наоѓа и грбот на Скопје.
Пред децентрализацијата во 2006 година во Скопје табли со улични називи поставуваа и Градот Скопје и општините. Тоа предизвика вистинско шаренило од нестандардизирани табли во разни бои и форми: мали, големи, тесни, широки, зелени, сини, портокалови, во форма на квадрат, шестоаголник, кои уште се на старите места. Процесот на воведување ред почна со носење на правилникот за таблите, но се одвива етапно и трае со години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.