Четири нови електрични локомотиви ќе добие Македонија од кинеската компанија „ЦРРЦ Џуџоу“. Договорот за набавка го потпишаа денеска „МЖ Транспорт“ и претставници на компанијата.
Ова е втор проект што го реализираат македонската влада и „Џуџоу“ по првиот за набавка на шест нови патнички возови. Инвестицијата вредна осум милиони евра е обезбедена од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а се реализира во рамки на Проектот за обнова на возниот парк.
– Набавката на четирите нови електрични локомотиви практично значи обнова на возниот парк по 40 години, доближување до европските и до светските стандарди, обезбедување поголема безбедност и сигурност во железничкиот сообраќај, поголем број патници, поголема брзина, енергетска заштеда, заштита на животната средина, ефикасно работење и поквалитетни услуги – истакна генералниот директор на „МЖ Транспорт“, Никола Костов, по потпишувањето на договорот.
Според него, набавката на новите локомотиви ќе значи и поттик повеќе за вработените, поголема мотивираност и стимул за уште поголема професионалност во исполнувањето на обврските.
– Овој ден е гордост за сите вработени во „МЖ Транспорт“, но и за целокупната македонска јавност и за стопанството – подвлече Костов.
Заблагодарувајќи се за довербата, претседателот на ЦРРЦ, Џо Шин Ха рече дека Македонија е важна југоисточна железничка транспортна зона и е постојано во фокусот на Џуџоу.
– Нашата компанија ќе обезбеди ресурси и експертиза. Ќе добиете сигурни, безбедни производи со врвни перформанси и прекрасен изглед, истакна Шин Ха и додаде дека веќе набавените шест електрични возови се само предвесник на пријателството кое се продлабочува.
Шин Ха напомена дека Џуџоу ќе овозможи повластени услуги при финансирањето како целосна поддршка за Македонија, за подигнување на јавниот транспорт.
ЦРРЦ е основана во 1936 година и има осум децении искуство во производство и сервисирање на локомотиви. Произведува супер модерни урбани возови за железнички превоз. Соработува со преку 10 земји и годишно реализира набавки од околу 45 милијарди јуани.
На потпишувањето на Договорот присуствуваа и државните секретари во министерствата за транспорт и врски и за финансии, Божидар Петровски и Игор Димитров, како и амбасадорот и конзулот на НР Кина во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.