| четврток, 6 декември 2018 |

Во голема акција фатени се рибокрадците на Преспанско Езеро

Од страна на СВР Битола се поднесени пет кривични пријави, а од страна на Државниот инспекторат за земјоделство на дополнителни пет лица ќе им биде понудено порамнување (прекршочни пријави) и ќе биде поведена една постапка против Н.Н, по големата заедничка акција на Државниот инспекторат за земјоделство и на МВР, за фаќање на рибокрадците на Преспанско Eзеро.

– Државниот инспекторат за земјоделство подолг периoд прибираше информации за недозволениот риболов на Преспанско Езеро (во периодот кога езерото е без концесионер) и по собирање  податоци и сознанија дека организирана група од физички лица, од регионот на Преспа, има големи количини риболовен алат, мрежи, недозволени средства, влакови, оски, харпуни, со кој вршат недозволен риболов на Преспанско Езеро, како и дека истите лица имаат импровизирани складишта во кои се наоѓа риболовен алат, фрижидери со свежа и замрзната риба, која, пак, потоа спротивно на законот се пушта во промет на зелените пазари во Битола, Прилеп и Ресен, како и во угостителските објекти во Охрид и во Струга, информираат од инспекторатот.

Надзорот бил извршен на потегот од селото Долно Дупени до селото Наколец и притоа биле одземени: 283 рибарски мрежи со просечна должина по мрежа од околу 50 метри со вкупна должина од 14 километри, 205 килограми риба, претежно преспанска плашица, две сачми (сертмиња), една повлечна мрежа – влак, шест пенти, три кајчиња, шест весла, три кепчиња (сакови), еден резервоар за бензин, 1931 пакување рибарска мрежа – чилиња и разновиден матерјал за изработка на рибарски мрежи (оловни конци, рибарски конец и др).

Целиот риболовен алат и средства ќе биде предаден на Агенцијата за одземен имот во Скопје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top