Турските власти наредија отпуштање на 8.390 државни службеници поради наводна поврзаност со терористички организации, како и затворање на повеќе од 80 организации, меѓу кои и спортски клубови.
Ова е најнова чистка по неуспешниот обид за пуч на 15 јули минатата година. Претходно повеќе од 100.000 луѓе беа суспендирани или отпуштени.
Како што е соопштено денеска, ќе бидат отпуштени 8.390 службеници од 63 различни државни институции. Меѓу нив се 2.687 полицајци, 1.699 вработени во Министерството за правда, 838 здравствени работници и стотици вработени во други министерства, како и 631 академик и осум членови на Државниот совет.
Наредено е и затворање на 83 организации поради обвиненија дека имале активности кои влијаеле на државната безбедност, меѓу кои се осум спортски клубови, главно од југоисточниот дел на Турција, каде живеат мнозинство Курди.
Според наредбите, турските граѓани кои се во странство, а нема да одговорат на повикот за сведочење, би можеле да го загубат своето државјанство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.